среда, ноември 20, 2024
МагазинНаш ИзборНаш избор

За Благодатниот Ерусалимски Оган

Иако во повеќе наврати низ годините сме пишувале и објавувале статии за Светиот и Благодатен Оган, сметаме, поради новопојавени причини, дека повторно има потреба да се објасни накратко за ова широко познато свештенодејство и чудо во христијанскиот свет. Поводот за ова писание е неодамнешната објава во единствениот информативен портал за религиски прашања во земјава, religija.mk, со наслов: „Судот во Атина го ослободи новинарот кој ја објави ’тајната‘ за Благодатниот оган“. Ја цениме слободата на изразување, како и правото и заложбите на уредникот и редакцијата од овој портал да ја информираат македонската јавност за случувањата од полето на религиите кај нас и во светот и затоа си земаме за право да дадеме и ние еден коментар за посочениот напис.

Недостатоците на објавата ги лоцираме главно на две места. Прво, веста е објавена само поради нејзината звучност, без претходно да се испита севкупниот тој процес, па да се наведат и другите аспекти, со што би ѝ се дала на јавноста можноста да расуди. Така, на нашата јавност ѝ се сервира „готов“ производ, што треба да го голтне без воопшто да ја познава историјата и заднината на целата таа проблематика. А без сеопфатна информираност се носат погрешни заклучоци. Второ, самиот наслов на веста упатува кон сензационализам и површност. Иако редакторот го посочува изворникот на веста, сепак, става свој наслов, кој е прилично, би рекле, наведувачки.

Всушност, појавата на Благодатниот Оган во Сесветиот Гроб Господов во Храмот на Воскресението во Ерусалим, не е некаква си тајна, мистерија или заговор, туку е еден од највпечатливите и најпознати мигови од прославата на најголемото чудо во историјата, Воскресението од мртвите на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Овој настан се случува секоја година на Велика Сабота, во очи на денот кога Христос излегува како победник над смртта, воскреснувајќи од Гробот и донесувајќи спасение на светот. Според својата природа, настанот е дел од специфичното пасхално богослужение во Храмот на Воскресението и за него е пропишан посебен богослужбен ред, во кој учествува најнапред Ерусалимскиот Патријарх, црковниот клир, а потоа и целиот народ кој стои во молитва околу Сесветиот Гроб, така што, со вклученост и присуство на толку луѓе, нелогично е да се зборува за „природен процес со човечко учество“ како да станува збор за некаков беззаконски акт. Впрочем, и во сите свети таинства на Црквата е потребно и човековото учество. Така, на пример, при водосветот, човек принесува вода, свештеникот служи според пропишаното чинопоследование и Бог Светиот Дух ја осветува водата.

Величественоста на Благодатниот Оган не се состои во тоа дали тој самиот ги запалува кандилата и свеќите, туку во фактот што тој се пали на самото место на Воскресението, во празниот Гроб Господов, каде што е изворот и на нашето воскресение. Затоа, секоја година, илјадници поклоници од сите краишта на светот се собираат во Светиот Град, за да станат сведоци на овој свет и светол настан. Со длабока вера и љубов, тие ја чекаат светлината што излегува од Сесветиот Гроб, којашто е символ на Божествената нематеријална светлина, и со ламбади и светилници ја пренесуваат во своите домови насекаде низ светот. И се разбира, безбројни се сведоштвата на очевидци кои ја виделе и доживеале необичната светлина што на Велика Сабота го озарува Божјиот народ во Храмот, а неретко и ги палела кандилата во Сесветиот Гроб и свеќите на некои од присутните околу. Постојат бројни историски сведоштва, не само на православните, туку и на инославни, муслимани, странски дипломати, патеписци, историчари и истражувачи, кои биле присутни и го доживеале Божјото чудо. Доплнително, врз Благодатниот Оган биле извршувани и научни истражувања коишто покажале дека во првите миниту и часови тој ги нема истите својства како обичниот пламен и е со пониска температура. Па, кога огнот запален на која било осветена чесна трпеза во православните храмови и маслото од кандилата внатре имаат благодатна сила и преку нив Бог ни дарува благослов и исцеленија, зар не ќе има благодат и посебен благослов Огнот што се пали во самиот Пресвет Гроб Господов, за кого и научниците при неговата реставрација изјавија дека таму има некоја посебна енергија, што дури и апратите не им функционирале нормално!?

Сепак, најубавиот аспект на Светиот Благодатен Оган не е начинот на кој тој се пали, туку начинот на кој токму овој оган и на ова место ги допира и преобразува срцата на луѓето. Овој оган не е само физичка појава; тој е и своевиден израз на Божјата благодат која навлегува во длабочините на душата. Во моментот кога пламените јазици започнуваат мистично да треперат и да се раздаваат еден на друг, се чувствува радоста од Воскресението, се чувствува реално присуството на Светиот Дух. Да е поинаку, зошто би постоело преданието поврзано со него?

Се разбира, сето ова не треба да води кон некаков фанатичен, па дури и магиски пристап кон Благодатниот Оган, како некое обожување – тоа го отфрламе како претпоставка, бидејќи тој е само уште едно сведоштво и благослов од Воскресението Спасителово и од местото каде што се случило тоа. Имено, тој нè потсетува дека нашиот пат кон личното воскресение и спасение не е само пат на вера, туку и пат на светлина и на љубов. Љубов кон Бога и кон ближните, којашто ја осветлува нашата душа и нѐ води кон вистинскиот блесок на благодатното Божјо присуство меѓу нас и во нас. Светлината што ја земаме како благослов од Благодатниот ерусалимски пламен е потсетник дека сме повикани да бидеме светлина за другите, да носиме утеха и топлина таму каде што има тага и темнина.

Сметаме дека навистина нема потреба да се прават сензации и фанатични полемики околу појавата на Благодатниот Оган, затоа што така само се оддалечуваме од целта и од доброто и право славење на сеславното и светло Воскресение.

Во продолжение ви доставуваме повеќе врски до повеќе текстови, преку кои ќе можете да се запознаете со историјата и суштината на Благодатниот Оган.

 

 

Бигорски манастир