петок, ноември 15, 2024
Наш изборНаш ИзборОхрид

На денешен ден згаснал животот на македонскиот револуционер Христо Узунов

На денешен ден, 24 април (11 април ст.стил) заврши животот на Христо Узунов (1878-1905), учител и револуциионер, реонски началник на четите на ТМОРО во Охридскиот регион за време на Илинденското востание. Неговата чета била предадена и следена на патот Крушево-Цер. Запоседнати во куќата на Костадиница Стојанова Паунова во Цер, биле заобиколени од турскиот аскер. Не сакајќи да се предадат, се бореле храбро до крај, а последните куршуми самите си ги истрелале во себе. Меѓу загинатите бил и кичевскиот војводата Ванчо Србаков.
Во предсмртниот час, Узунов ќе и напише писмо на својата мајка: „Мила ми мајко, јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата бескрајна љубов, за илјадата неволји и страданија, за безбројните бессони и мачителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал слабичок Дуле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синова љубов. Но, можам ли, кога ги чувствувам болките на нашата измачена татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело?
Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги“.
Сведок на сликата на самоубиените четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал: „Труповите на 11 млади јунаци, сите со отворени рани по градите и челата. Се самоубија за да не паднат живи во рацете на непријателот.
Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв. Ете го тоа што не можам никогаш да го заборавам. Ја видов Македонија во тој момент – маченица, голема, непобедлива“.
Вечна слава!