Наш ИзборНаш изборОхрид

Драгоцена посета и радост за Бигорски

Во продолжение на радоста од Благовештението и празничното торжеството во Манастирот на Богомајката Пречиста, ни беше подарена уште една благодатна и историска посета, овој пат во нашата древна Свештена Бигорска Обител. Имено, во попладневните часови од празникот, почитувачите и ценети гости и великодостојници од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, и од Црквата на Грција, Митрополитот на Дидимотика, Орестијада и Суфли г. Дамаскин, по нивното сослужение во градот Охрид, во Света Софија, со надлежниот пименарх и Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, благоволија да дојдат во нашиот свет манастир на Чесниот Претеча Господов. Посетата на двата архиереи, од кои Светиот Дидимотиски за прв пат, донесе голема радост во манастирот, каде што со свечениот ѕвон на кабаните, кадилниците и пеењето, внесоа вистинска благовештенска радост, така што срцата на сите нас се исполнија со свештен трепет и благодарност.

Нашиот возљубен Старец, Игуменот на Обителта и Епископ Антаниски г. Партениј го покажа своето аристократско во духот гостопримство и срдечност кон возљубените гости. По свеченото манастирско иподохи, тој се обрати поздравно со зборовите:

„Ваши Високопреосвештенства, свет Митрополите на Имврос г. Кириле и свет Митрополите на Дидимотика, г. Дамаскине

Возљубени браќа монаси,

Возљубени во Христа браќа и сестри поклоници,

Дозволете ми од сè срце да ги изразам својата огромна радост и својата понизна благодарност кон Великиот Дародавец, Бог и Спасител наш, Господ Исус Христос, што тука, во овој наш свештен храм, денеска е присутен нашироко ценетиот јерарх, Високопреосветениот Митрополит г. Дамаскин, кој е еден избран брат во Христа и голем спомагател во процесот за признавањето на нашата најсвета Црква.

Тој е заедно тука со подеднакво ценетиот, почитуван и исклучителен брат во Христа, Високопреосветениот Митрополит на Имврос и Тенедос, г. Кирил, со кого неколку дена се наоѓаат во посета на нашата Татковина. Имено, тие најнапред беа гости во Светата Обител Пречиста Кичевска, каде што со својата посета предизвикаа една необична радост. Радост којашто го исполнуваше дури и воздухот! Чувствувам дека и предците се радуваат за ова наше заедничарење во Христа, коешто беше долгоочекувано за сите нас, а за кое, како што, впрочем, кажа и самиот свет владика Дамаскин во своето обраќање во Манастирот Пречиста – беа потребни многу трудови и жртви.

И навистина, ова братство на својот грб почувствува колку силна, напрегната и тешка беше борбата, која доби на интензитет особено во последните пет години, по што нашата Црква конечно беше примена во канонско и евхаристиско единство. Знаете, ние ги остававме многубројните наши обврски и послушанија низ Манастирот, само и само за да се помогне да се случи тоа свето црковно единство. И Сесветиот Татко наш, Татко на сите Православни, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, гледајќи ја големата борба на јерархијата и на народот овде и чувствувајќи ја болката на нашата оставеност, ја исцели лутата долгогодишна раната на славната Охридска Архиепископија. Тоа беше бездруго настан очекуван и посакуван од поколенија и поколенија наназад. Нашите предци знаеле колку била славна и убава Охридската Архиепископија и како таа била особено поврзана со Вселенската Патријаршија во Константинопол. Впрочем, историски гледано, повеќето Архиепископи на Охрид потекнувале токму од Престолнината, од Царицата на градовите, како, на пример, блажениот Теофилакт Охридски, тој голем црковен деец, светски познат егзегет, писател, којшто, меѓу другото, ги напишал и житијата на нашите возљубени сенародни Светии, Охридските чудотворци Климент и Наум, со кои ние денес се фалиме и чиишто житија постојано ги препрочитуваме и славиме. Практично, Константинопол и Охрид се поврзани со папочна врска, субјекти се и чинители на едно и исто свештено предание, на една и иста духовност, на една и иста цивилизација. Сега блажениот Теофилакт, заедно со сите други блаженоупокоени и свети Охридски Архиепископи, но пред сè со овие двајца наши омилени закрилници, Светите Климент и Наум Охридски, се радуваат од Небесата и славословат. Нивните молитви и благослови се чувствуваат, заедно со радостите на предците, и тие од Охрид и тие од Константинопол. И овие избрани и храбри мажи, возљубените браќа кои сега се со нас и помеѓу нас, следејќи го призивот, но и благородниот дух на предците, несомнено принесоа многу голема жртва, вложија огромни труд и љубов, за да ни помогнат, за да му помогнат на Христовиот народ овде. Притоа ниту очекуваа, ниту добија некаква придобивка или некаков надоместок за својот труд од овој свет. За ваквите благочестиви работници, награда е тоа што искрено ја љубат Црквата и нејзиното добро успевање – тие, всушност, ја очекуваат отплатата за својот труд од Господарот Кој ги одбра и најми. Заради ова тие станаа наши вистински браќа и добротвори и ги заслужија нашата почит и нашата љубов.

Се разбира, тука не смееме да ги изоставиме и другите чинители во овој процес, архиереите од нашата Црква, позначајни и со поголемо достоинство од мене, какви што се нашиот секогаш почитуван надлежен Митрополит г. Тимотеј, почитуваниот Митрополит Струмички г. Наум, и, секако, нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан, коишто, исто така, се вложија себеси во ова историско дело, многу се потрудија и мудро постапуваа, поради што стасавме до тоа денес да се радуваат Небото и Земјата. Надоврзувајќи се на овој контекст што го поставив, најсмело ќе кажам дека вакви мажи денес, во ова време, ретко се наоѓаат, и тие се вистинска утеха за современиот човек. Нам ни е познато дека оние другите, понесените од сопствената суета и славољубие, кои сакаат да бидат истакнувани и да си придаваат дела и заслуги, ги има во изобилство, но познато ни е и тоа дека благословот го понесуваат само облечените во свадбената облека, во денот кога сè ќе биде откриено и узнато.

Не сакам повеќе да ги заморувам нашите скапоцени браќа и гости, бидејќи денеска тие служеа Божествена Литургија во Света Софија Охридска, а изминатата ноќ беа и на бдение во Манастирот Пречиста. Затоа, уште еднаш, на Светиот Дидимотиски г. Дамаскин, кој првпат доаѓа овде, му посакувам едно големо и топло добредојде. И не само мојата смиреност и моето братство, туку, чувствуваме, тој со голема љубов е пречекан и од самиот Свети Јован Крстител и од сите Светии на Охридската Архиепископија, примен е со благодарност и љубов за сè што направи, заедно со Светиот Имвроски г. Кирил.

Добро ни дојдовте, владици свети!“

 

Бигорски манастир