МагазинНаш ИзборНаш избор

(ФОТО) Неодамна наполни 100 години, дедо Ѓорги од Радовиш денот го започнува со мед и млеко!

Ѓорѓи Ангелов од Радовиш на почетокот на месецов го прослави својот 100-ти роденден, а по тој повод неговите најблиски му приредија забава во ресторан со музика и торта.

За читателите на CRNOBELO.com, неговата внука сподели некои детали за тоа како дедо Ѓорѓи го поминува денот и што е она што тој вообичаено го прави.

Роден на 2-ри април 1924-та година во село Колешино, струмичко, дедо Ѓорѓи бил учесник и во НОБ, а денес е горд татко и дедо на 4 ќерки, 8 внуци и 14 правнуци.

По повод неговиот 100-ти роденден најблиските се собраа и одлучија да му ја исполнат желбата и да му направат забава во ресторан, со музика и торта, а на која присуствуваа 87 гости.

„Прославата имаше и програма со доделување на признанија и благодарници од страна на претседателот на Сојузот на борците на општина Радовиш и Конче, како и претседателката на пензионерите на општина Радовиш“ – појасни во изјава за CRNOBELO.com, внуката на дедо Ѓорѓи, Љупка Тренчева која ја имала таа чест да ја отвори програмата на забавата и да биде водител.

Инаку Дедо Ѓорѓи живее во иста куќа со неговата внука Љупка, која му помага секојдневно, но како што вели таа, тој е здрав и витален дедо, кој се движи сам и е независен финансиски, затоа што е пензионер.

Ја прашавме Љупка како вообичаено изгледа еден ден на дедо Ѓорѓи, која е неговата тајна за долговечност, на што таа накратко ни одговори:

„Тој постојано пешачи и се труди секој ден да има умерена физичка активност. Најчести продукти на неговото мени се: млеко и мед за појадок, за ручек задолжително парче месо (најчесто со ориз, или манџа со месо), а навечер задолжително консумира цедено или мелено овошје, или како што тој го нарекува – ‘топ шоп’“.

 

 

crnobelo.mk