Свет

Шеваљ Муареми уапсен во Дубаи, па ослободен поради нерелевантни докази?

Ниту еден од македонските надлежни органи нема добиено потврда ниту известување од Обединетите Арапски Емирати дека осомничниот предводник на нарко групата од Грчец, Шеваљ Муареми, бил уапсен во Дубаи, па пуштен на слобода, како што објавија дел од македонските медиуми.

Од министерството за правда, МВР, како и обвинителството за гонење на организиран криминал за Канал 5 велат дека до нив не е стигната никаква официјална информација дека Шеваљ вчера неколку часа ги поминал во полициска станица во Дубаи, но подоцна бил пуштен поради невалидни докази.

Откако дел од медиумите објавија дека македонските власти наводно доставиле докази од апликацијата Sky, кои за истражните органи во Дубаи не се релевантни, од обвинителството за гонење организиран криминал негираат дека какви било докази воопшто се испратени за превод до министерството за правда. Појаснуваат дека, согласно процедурата, чекаат известување од Обединетите Арапски Емирати дека Шеваљ воопшто е уапсен.

За лидерот на кланот од Грчец пред нецел месец министерот за правда Кренар Лога ги потпиша барањата за негова екстрадиција, откако претходно МВР распиша и меѓународна потерница.

Како што тогаш појаснија од Правда, барањата, откако ќе бидат преведени, ќе бидат проследени до Министерството за надворешни работи на натамошно постапување до Обединетите Арапски Емирати.

Муареми е осомничен како предводник на групата од Грчец која убивала и пренесувала дрога, а беше откриена преку акција потпомогната и од меѓународните истражни институции.

Во јануари, годинава, беа поднесени кривични пријави против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, која ја предводел 46-годишниот Муареми.

извор: Канал 5