Наш изборНаш ИзборОхрид

Магдалена од Охрид мајка на аутистично дете седи пред училницата бидејќи асистентот на ученикот не знае како да се постави кон него

Магдалена Милевска од Охрид, мајка на дете кое има аутизам, мора да седи пред училницата во основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид и да чува стража, затоа што образовниот асистент кој му е доделен на ученикот не знае како да се постави кон него. Милевска за „Слободен печат“ вели дека со месеци е принудена да не работи иако е програмер, затоа што постојано мора да биде во училиштето со синот, кој нема никакви придобивки од тоа што му е назначен образовен асистент и целиот товар и грижа повторно паѓа на неа.

– На крајот на учебната година го најдов син ми пуштен во дворот од училиштето без патики и без јакна. Образовниот асистент дозволува да излезе надвор од училница и да прави што сака. Во ноември тој имаше процедура со матични клетки, поради што асистентката беше предупредена дека не смее детето да излезе надвор на ладното. Ја толерирав една недела и наредно побарав инструкции од Ресурсниот центар во Битола кој е нејзин работодавец да ми кажат како да постапам. Им доставив записници за тоа дека со мојот син има инциденти, дека бега од училницата и излегува во дворот, оди во спортската сала, турка еден огромен душек. Едноставно немаше никаква ефикасност од асистентот во образовниот процес, изјави за „Слободен печат“ мајката на детето, Милевска.

Таа испратила барање во Ресурсниот центар да биде променет образовниот асистент за нејзиниот син, но одговор уште нема. Се пожалила и до Народниот правобранител.

– Две недели откако почна второто полугодие, Ресурсниот центар дојде на увид во училиштето. Направивме муабет и рекоа дека ќе видат со Антикорупциска дали може да се смени асистентката. Но јас повторно седам во училиште со моето дете. Не можам да почнам да работам. Цела година ја изгубив и не работам затоа што морам да седам со детето на училиште, а сум програмер. Кога седам во училиштето, син ми не излегува од училницата зашто јас седам на столица пред врата и тој кога ќе тргне му го одвлекувам вниманието од неговата идеја па не излегува од училницата. Кога седев со него во училницата, зашто немаше ефект од асистентката, Филип седеше по 90 минути на клупа. Не излегуваше од училница. Од крајот на февруари кога се вративме пак со асистентката, постојано излегува. На 8 март имаше инцидент кога влезе во друго одделение каде му дадоа чоколадо и му капна една точка. Бидејќи е сензитивен на дамки, ја соблече блузата и тренерките пред други две наставнички од второ одделение. Но, како може да му дозволат да се соблече по гаќи, маица и по чорапи? Се качува кај директорката горе, а асистентката не прави ништо, оди по него. Кога ќе го носам во училиште ќе побарам инспекција да дојде во надзор да види што се прави, а јас нема да седам во училиштето за да се види реалната состојба. Целото основно училиште, сите вработени ова го гледаат ама училиштето нема никаква моќ освен да го следи правилникот и секоја недела да бара промена, додаде Милевска.

Директорката на ОУ „Григор Прличев“ Охрид секоја недела праќа барање во Ресурсниот центар во Битола со прашање до каде е процесот за промена на асистентот.

Детето е ученик во програма со модифицирана настава, во рамките на која три дена во неделата оди на настава во ОУ „Григор Прличев“, а два дена во ОУ „Климент Охридски“, училиште кое е поддршка на Ресурсниот центар.

 

повеќе на slobodenpecat.mk