Во текот на вчерашниот ден , неколку отци од Свештената Бигорска Обител, со благослов на Старецот Епископ г. Партениј, ја однесоа Иконата на Светиот Георгиј Победоносец во Светата Гора Атонска, во Манастирот Ксенофонт, посветен токму на Светиот Великомаченик. Таму Иконата и нашите браќа беа срдечно и со најголема љубов пречекани од Старецот на Обителта, Архимандритот г. Алексиј, и од неговото монашко братство. Со благослов на Старецот иконата беше внесена во сечесниот соборен храм на Победоносецот и благословена во светиот олтар. По повод оваа прилика, Игуменот г. Алексиј ги поздрави отците и браќата со љубовта што извира од неговото духовничко татковско срце:
„Голем благослов е за вашиот манастир и за вашата монашка заедница и за народот Божји таму доаѓањето на светата икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. Посакувам Светиот секогаш да ве поткрепува, да ви носи трофеи на победа, на духовна победа, во оваа епоха којашто е особено тешка. Но силата и благодатта Божја секогаш ќе нè оснажуваат и застапништвата на Светиите ќе ни помагаат и ќе нè водат.
Ве молам пренесете му ја нашата најдлабока почит на Игуменот и Епископот Свет Антаниски г. Партениј, и да му кажете дека го љубиме и го очекуваме“.
Утре се очекува Иконата да биде однесена во другиот манастир на Света Гора посветен на Светиот Георгиј, Свештената Зографска Обител, каде што ќе биде допрена и осветена на првобразната Молдавска икона. Во сабота, 30 март, во 16 ч. ќе биде одржан торжествен пречек на осветената Икона во Манастирот на Победоносецот во Рајчица.