Наш изборНаш ИзборОхрид

122 години од смртта на охридскиот револуционер Методи Патчев

Методи Патчев (7 мај 1875 – 25 март 1902) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација.

Патче е роден на 14 мај 1875 година во Охрид. Во родниот град завршил прогимназија, а потоа отишол да работи како чирак кај еден свој сограѓанин – кожар во Пловдив.

По потекло бил од сиромашна рибарска фамилија. Неговите родители – Јаќим и Марија биле трудољубиви и чесни луѓе. Јаќим со рибарскиот занает не можел да го прехрани своето семејство заради неприликите кои го снашле рибарството во последните децении на XIX век. Тој не сакал неговите деца да го наследат неговиот занает, па затоа синовите Коста и Сандре ги дал да го учат ќуркчискиот (кожарскиот) занает, додека синот Никола не сакал да чиракува зашто велел дека душата ќе му смрди на штавени кожи. Методија како најмал го дал да учи, а ќерка му Вета ја оставил дома за да ѝ помага на мајка си, бидејќи во куќата биле пет мажи. Методија завршил основно училиште и четири класа класно училиште во родниот град. Виши класови на гимназија или некое друго средно училиште тогаш во Охрид немало. Бидејќи родителите на Методија биле крајно сиромашни, не можеле да го пратат својот син на школување надвор од Охрид, иако за тоа и тој и тие мечтаеле. Од тие причини Методија Патче го прекинал образованието токму тогаш кога навлегол во книгата, кога почнал да ги вкусува нејзините плодови. И тој, како и неговите тројца браќа, со татка му се борел за животен опстанок. Работел извесно време во ќуркчиските дуќани, а работел и како рибар со татка си, борејќи се со езерото за парче леб.

Методија се среќава и како посетител на неделното училиште. Интересот кон неделното училиште бил голем затоа што повеќето учители биле од револуционерната организација и слушателите ги запознавале македонската макотрпност, како и со програмата на ВМРО за ослободување на Македонија. Тие повлијаеле и кај младиот Mетодија да работи уште тогаш за интересите на Организацијата.

Кога заштедил нешто средства од работата и со малата помош што ја добил од родителите, во почетокот на 1886 година го напуштил родниот град и тргнал да бара помош. Прво отишол во Солун, а од таму во Софија. Ниту во Солун, ниту во Софија не добил потребна парична помош за понатамошно школување во некое средно училиште. Во Самоков почнал да го посетува специјалното училиште. Во училиштето ги посетувал сите занаети што се изучувале, а истовремено работел и во револуционерниот кружок, во чија активност веднаш се вклучил. Овој ученички кружок бил мошне активен, бидејќи бил посетуван од раководителите на ВМРО, а од време-навреме и од самиот Гоце Делчев. Од материјални причини Методија набргу го напуштил Самоков, бидејќи не можел да обезбеди стипендија за да учи во некое средно училиште.

Во 1896 година се вратил во Охрид и се занимавал со учителска дејност во основното училиште „Св. Кирил и Методи“ во маалата Кошишта. Во истото училиште за учител би назначен и неговиот сограѓанин Христо Узунов. Истата година влегол во редовите на ТМОРО. Тој добивал специјални задачи – ликвидирање на непријателите на ослободителното дело, како и на предавниците.

Во 1894 година, само една година по формирањето на ВМРО во Солун, се формирала и охридската револуционерна организација. До 1900 година во револуционерниот комитет влегле Христо Узунов, Методија Патче, Кирил Прличев, Лука Групче, Климе Заро, Анастас Каневче и други. Узунов и Патче многу придонеле за омасовување на револуционерното движење во Охрид и охридско. Двајцата им давале заклетва на новите членови на вообичаениот начин – пред евангелие, крст и кама. Честопати Узунов, за да не биде забележан од турските власти, по куќите каде што требало одел облечен како поп, а Методија Патче му го носел како клисар котлето со „светена вода“.

Посебно место во развојот на ТМОРО, во овој период имале ударните групи за специјални намени. Овие групи покрај следењето на одредени луѓе и справувањето со уличните шпиони, собираат пари за потребата на организацијата, го помагаат нејзиното вооружување и вршат агитациско-организациски задачи. Обично ударните групи биле со повремен карактер и биле составени од лојални, храбри, снаодливи луѓе, каков што бил и Методи Патче.

Во спомените од Ѓорѓи Тасиќ, учител од Охрид кој се борел за ширење на српската пропаганда во Охрид, има дадено многу податоци и за другите пропаганди во Охрид како и меѓусебните караници меѓу граѓаните на Охрид, а пред сè учителите. Во ширење на српската пропаганда најповеќе се експонира охриѓанецот Димитрие Грдан(ов-иќ). Охридското раководство на ВМРО решило енергично да се бори против српската пропаганда. Тие одлучиле да го отепаат Грдановиќ, а тоа се случило на 5 август 1898 г. по стариот календар, таа задача паднало да ја реализира учителот Методија Патчев. Тој тоа го реализира кај стариот дел на градот кај денешната Самоилова улица.

Првата акциjа на Организациjата во Охрид е убиството на србоманот Димитар Грдан(ов-иќ) кој бил осуден како разбивач на национално-политичкото единство на масите. Ликвидацијата на турскиот шпион Димитар Грдан(ов-иќ), била една од позначајните акции што ги извршил Методиja Патче. За да одредат кој ќе го убие предавникот, групата во која биле Иван Нелчин, Христо Узунов и Кирил Прличев, влечеле ждрепка. Иван Нелчин, на кого му паднала ждрепката се откажал правдајќи се дека нема нерви за такво дело и дека не е доволно вешт за ракување со нагант. После ова се јавил Методија Патче и рекол дека ќе го изврши убиството доколку Нелчин дадел 10 наполеони за Организацијата. Откако предложената сума била дадена бил направен друг план за убиство на Грдан. Со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, на 5 август 1898 година го застрелал предавникот Димитар Грдан(ов-иќ) во центарот на Охрид, по што сите тројца се уапсени од турските власти. Иако немало сведоци на убиството, тој бил уапсен од турската власт и осуден на 15 години затвор. Методија Патче бил затворен во битолскиот затвор, каде останал сè до 1901 година кога бил амнестиран.

По излегување од затворот, во учебната 1901/1902 година Методија Патче бил назначен за учител во Прилеп. Но, откако турската власт му забранила да работи како учител, тој преминал во илегала и се приклучил на четата на Марко Лерински (Георги И. Ѓуров). Тој бил бугарски офицер кој, придобиен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година, учествувал во македонското револуционерно движење како член и војвода на Македонската револуционерна организација. Марко бил испратен во леринскиот крај, а неговата чета, благодарение на неговата официрска подготовка и организациски способности, станала училиште за обука на македонските револуционери и војводи. Меѓу оние кои ја поминале неговата обука бил и учителот Патче. Во октомври 1901 година, Методија Патче бил назначен за војвода на првата агитационо-организациска чета во Прилепско. Со намера да привлече и зачлени поголем број комити во Организацијата, патува низ прилепскиот регион и за релативно кусо време, ќе дојдат до израз неговите организаторски способности. Во текот на март 1902 година, заради разврат го ликвидирал и прилепскиот војвода Тале Горанов.

Но, откако на 6 април 1902 година, на селскиот празник, Благоец, дошол со шестмина соборци во Кадино Село, Прилепско, за да покрсти нови членови за организацијата, бил предаден и опкружен од турскиот аскер и башибозук. Додека војводата со четата биле сместени во старата кула, а народот за тоа време бил во црква, околу пладне во селото дошле околу 500 вооружени луѓе, меѓу кои аскер од Битола и познатиот разбојник Расим со 25 души.

Претходно четата не била известена за движењето на силниот аскер кон Кадино Село и немала ниту време и можност да се извлечат од кулата и селото. Опколени од сите страни, четата се забрикадирала во кулата. Започнала нерамноправна јуначка борба која траела до наредниот ден (7 април 1902 година), сè до моментот кога на четата им снемало муниција. На Патче и комитите не им преостанало ништо друго освен да се предадат или да умрат. На повикот од аскерот да се предадат одговориле дека македонски борци не се предаваат. Со песна, после 24-часовна борба, Методи Патчев и неговите соборци со последните куршуми извршиле групно самоубиство.