Наш ИзборНаш изборОхрид

Осмомартовски концерт со светскиот тенор Федерико Сера во организација на „Охридско лето“

По повод 8 Март, Денот на жената, во организација на НУ „Охридско лето“ ќе се одржи концерт со светски познатиот тенор Федерико Сера од Италија во придружба на пијанистот Антонио Кампоногара. Концертот што ќе се одржи на 8 Март во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 19 часот, ќе биде посветен на припадничките на понежниот пол, велат организаторите.
„Веќе трета година надвор од фестивалската рамка 12 јули- 20 август реализираме концерти преку цела година. Имавме прекрасен новогодишен концерт со оркестарот на Националната опера и балет а сега следи осмомартовскиот концерт на Денот на жената со оперскиот пејач од Италија Федерико Сера чиј ментор е светскиот оперски пејач Андреа Бочели. Верувам дека тие оперски арии ќе нѐ однесат во светот на Џузепе Верди, во светот на Италија и тоа ќе биде подарок за охриѓанки а и за сите жени што сакаат да дојдат, што се поддржувачи и љубители на фестивалот „Охридско лето“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
По осмомартовскиот концерт во организација на „Охридско лето“ следува Велигденски како завршница на концертите надвор од официјалната програма.
„Како најголема и најзначајна културна установа во државата сакаме врвната култура да живее преку цела година со што од една страна го афирмираме Фестивалот а од друга страна и Охрид како град, но и државата во целина. Нудиме квалитет а тоа го препознава нашата верна публика“, вели Поповиќ.
Федерико Сера беше дел од четворицата светски познати тенори од Италија кои приредија незаборавен концерт на Свеченото отворање на 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“.

 

 

НУ Охридско лето