Наш изборНаш ИзборОхрид

Сретение Христово – среќавање со Бога

Секој здраворазумен човек копнее по среќа и трага по неа. Ја бара постојано и насекаде. И колку само се радува кога ќе пронајде макар и едно малечко зрно среќа. А среќата доаѓа од средбата. Среќавањето со возжелани личности, со посакувани места, со идеални ситуации. Затоа, потрагата по среќа е главниот двигател на процесите за обединување, за комуникација, за спојување. Се чини дека светот никогаш досега не бил толку исповрзан како денес, луѓето никогаш не биле толку меѓусебно вмрежени како сега. Потребен е само клик миг и веднаш можеш да се поврзеш со некого кој се наоѓа од другата страна на планетата. Во еден миг можеш да дознаеш што се случува насекаде во светот. Со право современото општество е наречено информатичко и комуникациско. Луѓето се поврзаа на интернет. Контактите во телефонот и на социјалните мрежи секојдневно се зголемуваат. Никогаш луѓето не комуницирале меѓусебно како денес. Средбите на поединецот се многукратно зголемени во споредба со времето пред информатичката револуција.

Но дали луѓето се вистински среќни од сите тие средби?

Парадокасно, во ера на најголема поврзаност, имаме рапиден скок на разноразни депресии, фобии, анксиозност, психози. Осаменоста стана најраспространета чума и стресот – најчеста дијагноза. Тагата зацарува во најголемиот број човечки срца. Се соочуваме со апсурдот, во големите метрополи, каде што живеат милиони луѓе и се одвиваат секакви забави, да е најголем бројот на осамените и несреќни лица. Очигледно, денешниот вид на средби не носи трајна среќа. Повеќе е илузија, односно симулација на средба. Површното поврзување и празнословната јазична и визуелна комуникација не претставуваат автентична средба. Вистинската средба е, пред сè, духовен процес, размена на енергија, внатрешно сврзување. Љубиш и те љубат. Во суштина, средбата сфатена како среќа е она што денес нашата Црква го празнува: Сретението Христово, среќавањето на Бог со човекот.

Би можело да се каже дека суштествуваат три видови на средби: средба на човекот со Бога, средба на човек со човек и средба на човекот со себеси. Во суштина, сите три средби се нераскинливо поврзани меѓу себе и започнуваат од најважната – средбата на човекот со својот Творец. Оти, кога во смирение и покајание, со љубов и благодарност, во своето срце разговараме со Бога, преку молитвата, преку воздишките, преку срдечниот плач на нашиот скрушен внатрешен човек, тогаш преку несоздадените енергии на Светиот Дух, во нашето битие се остварува тоа таинствено сретение, таа благодатна посета Божја. Во тој миг битието наше се исполнува со неземна радост, бива преплавено од некоја чудесна убавина одозгора, ја доживува праисконската среќа што ја живееле првосоздадените луѓе во Едем пред гревопадот. Наоѓајќи се во таа атмосфера на Божјата исцелителна благодат, човекот ја чувствува полнотата и смислата на постоењето; започнува да живее автентично, богопредвидено, битисува во орбитата на Божјата сеопфатна љубов. Иако со духот тој пребива надвор од време-просторот, во вечното пространство на Бога, за него логичност добиваат и сите нешта во овој живот, правилно значење имаат и нештата од овој свет и тој човек на сите луѓе гледа како на икони Божји. Облагодатен од Светиот Дух, тој воспоставува правилна врска, средба и со себеси и со другите луѓе, во кои го гледа образот на Создателот“.

Сретението на Христа се случува на лично ниво. Господ сака да се среќава се секој човек одделно, а омилено место за средба Му е човековото срце. Молитвата, постот придружен со добри дела и светата Причест се средствата преку кои човек Го среќава својот Создател во секојдневниот живот. И таа посакувана средба на двете личности, човекот и Бог, станува среќа за двете нив. Бог се радува со радоста на своето создание, а човекот се чувствува силно возљубен, заштитен, спокоен, во прегратките на небесниот Татко.

Ете таква средба и среќа беше за нас синоќешното бдение и денешната Божествена Литургија, под тајноводство на нашиот богољубив пастир и старец, Епископот г. Партениј, а во чест на Сретението Господово.

 

Бигорски манастир