Директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Сашо Најдески, објаснува за третирањето на депонијата Буково со природен препарат на база на екстрат од алги. Вели дека ова е еден од најсоодветните начини на решавање на проблемите со пожарите, но и третирање на органскиот отпад.
По неколкукратното палење на депонијата Буково во август минатата година, односно настанување на пожар од страна на непознати сторители кои уредно беа пријавени во полициска станица и истите не беа пронајдени, посочува Најдески, проблемот остана да го решава јавното претпријатие и Општина Охрид, вели директорот Најдески.
Еден од начините за решавање на тој проблем беше истата да биде третирана со природен препарат на база на екстрат од алги. Од таа причина беше објавен тендер за набавка на тој препарат и беше завршена во законски транспарентна постапка. На тендерот беа пријавени два економски оператори со уредна документација. По завршување на електронската аукција се склучи договор со економскиот оператор кој понуди пониска цена. Во техничката спецификација на тендерската документација е јасно наведено дека „набавката ќе се одвива сукцесивно според потребите на јавното претпријатие, без обврски да биде набавена целата количина, а ќе се користи за санирање на депонијата Буково“. Тоа значи дека јавното претпријатие нема обврска да ги искористи сите количини врз основа на кој е склучен договорот, туку зависно потребите на терен. Не е точна информацијата дека договорот е целосно искористен. Да, договорот е склучен на 1 194 000 денари без ДДВ, вели Најдески одговарајќи на реакцијата на СДСМ кои се сомневаат во мотивите за набавка на препарат од алги вреден 24 000 евра.
Добро е, вели, да се предвидат повеќе количини, зошто не може да се предвиви дали би настанал некој пожар или би имало потреба за санирање на последиците од истиот.
По склучувањето на договорот искористен е еден дел, односно околу 200 илјади денари, што беше неопходно за посипување, бидејќи алгата служи за намалување на можноста од настанување на пожар и за гаснење на пожар, што значи дека мора превентивно да постапиме со цел да не дојде до поголем хаварија. Оваа алга се користи во летниот и зимскиот период, со цел да се намали можноста за палење на депонијата, физички се намалува отпадот со распаѓање на органскиот отпад, елиминирање на непријатните миризби…, на некој начин се подготвува депонијата за можноста за нејзино затворање, потенцира.
Директорот додава дека од фактурираниот износ исплатен е само еден дел, не целосно. Тпј додава дека и во изминативе години и со претходното раководство, исто така, е користено ова средство за третирање на депонијата.
Во месец август минатата година имавме голем пожар и се појави потреба за набавка. Како решение за депонијата Буково факт е дека треба да се забрза процесот за отворање на регионална депонија и формирање на едно регионално јавно претпријатие кое ќе стопанисува со истата со што би се решил проблемот за целиот Југозападен и Пелагониски регион. Имавме средба со министерката за животна средина и просторно планирање, има некои административни пречки со што неможе да има некој редовен тек. Би сакале да се отвори што побрзо, но, останува целата постапка кај Министертвото за животна средина, додава.
Инаку, депонијата Буково е нестандардна депонија која уште од 1973 година служи за депонирање на комулаен отпад на Општина Охрид, но и како алтернативна за другите општини. Се простира на 3 хектари површина и годишно се депонира 260 илјади метри кубни комунален отпад.