Наш ИзборНаш изборОхрид

Соборно празнување на Соборот на Свети Јован Крстител

Денеска, на 7 јануари (според стар стил), Црквата Божја го слави небесниот Собор на Светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован. Тоа е најстариот празник за Претечата Божји. Бог ги просветли Отците на Црквата и тие го определија следниот ден по Божественото Богојавление како ден за оддавање достојна чест на оној кој ја положи раката своја, за да Го крсти нашиот Христос. Човекољубие и љубов Христова воплотена. Пријател на грешниците. Проповедник и учител на покајанието. Цвет на пустината. Во која пустина и да се наоѓаме, било во градовите или во кои-годе краишта, секаде и секогаш со нас го имаме – ова добро да го знаеме – Чесниот Јован Претеча кој заштитнички нè придружува. Тој е нашето најдобро друштво и нашиот најверен сопатник по патот на покајанието.

Малку е да се каже дека нашата Свештена Обител, посветена токму на овој великан Христов, го љуби и секогаш со радост го чествува својот небесен закрилник. Таа просто дише преку него, живее со него и умира за него. Доволно е само да се спомене името на Свети Јован, за Бигорски да заблеска со радост одозгора. И еве, денеска, на својот сеславен Собор, тој ни приреди уште едно радование во соборноста на Црквата Христова: покрај бројните верни откај нас, ни донесе на слава и група од дваесетина православни од Берат, Албанија, за заедно со нас да го прослават негово свештено и преславно дело и учество во Божјиот Домострој за спасението. Оваа благословена група на благочестиви Христијани, којашто направи голем подвиг, за и покрај неповолните временски услови да стаса навреме за Светата Литургија, беше предводена до благоговејните свештенослужители, протопрезвитерот од Бератската митрополија о. Јоан Ќако, презвитерот о. Кристаќ Субаши и ѓаконот Леонард Дедја. Тие, со благослов на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, сослужуваа на Божествената Евхаристија со нашиот собрат, Архимандритот г. Доситеј.

По празничното богослужение следуваше радосно заедничарење во духот на Христовата љубов и единство и запознавање на гостите со манастирските содржини.

О, највелик пророку – како што те нарече Самиот Син Божји – ти, кој ги разврза неплодните врски на своите родители; кој на луѓето им Го покажа Владиката Христос; кој Го крсти Спасителот на светот во реката Јордан; кој ги гледаше небесата отворени и го слушна Татковскиот глас и Го виде Светиот Дух како слегува врз Синот како гулаб, слушни ја и нашата болка, разврзи ја нашата духовна неплодност, запали ја светилката на покајанието и во нашите души и просветли нѐ со просветлението од Божественото откровение.

 

Бигорски манастир