Наш ИзборНаш изборОхрид

Тронскиот празник на Крушевската и Демирхисарска епархија

Средоточие на духовно празнување, веселие, радост и убавина од заедничарењето во Христа се покажа денес херојскиот град Крушево, во чиишто историски пазуви е сместен сечесниот храм на денешниот славеник на Црквата Божја, севозљубениот Отец наш меѓу Светиите Николај Чудотворец, Архиепископ на Мира Ликиска.

Повод за денешното евхаристиско торжество во снежниот град на Бушева Планина беше тронскиот празник на богочуваната Крушевска и Демирхисарска епархија, возглавена од нејзиниот почитуван архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Јован. На наша голема чест, Светиот Крушевски и Демирхисарски посака да ја сподели радоста за својата престолна слава и со нашата монашка заедница, предводена од Старецот Владика г. Партениј. Поради неможноста во последен момент од објективи причини физички да присуствува на богослужбата, Старецот испрати свои претставници, дел од нашето братство и од сестринството во Пречиста, како и протопсалтите од византискиот хор „Митрополит Козма Пречистански“. Така, на Божествената Литургија чиноначалствуваше Високопреосвештениот г. Јован, во сослужение со почитуваниот Епископ Дремвицки Преосветениот г. Давид, а со нив сослужуваа Архимандритот Кирил од Свештената Бигорска Обител, себлагоговејните презвитери од Крушево Крсте Тасески, Тони Кузманоски и Павле Лапоски, и нашиот јероѓакон Силуан.

Свештената мистагогија ја откриваше пред нас полнотата на смислата и убавината на нашиот живот во светлината на Божјата љубов и милост. И додека душите на верните беа вознесувани во областите на духовното зерцание на Божественото, Митрополитот г. Јован го ракопроизведи храмовиот старешина, презвитерот Тони Кузмановски, во чин протојереј. Исто така, за време на Светата Литургија, дедо Јован ги благослови и освети новите епархиски антиминси, наменети за богослуженијата во храмовите на неговата епархија.

По читањето, пак, на Светото Евангелие, со благослов на Митрополитот г. Јован, Архимандритот Кирил ги прочита белешките за словото на Неговото Преосвештенство Епископот г. Партениј, што ги беше подготвил за денешниот празник:

Ваше Високопреосвештенство, почитуван архипастире на овој херојски град Крушево и свет владико г. Јоване,

Ваше Преосвештенство, свет Епископе и наш драг сослужителу, г. Давиде,

Високопреподобни и преподобни отци,

Високопреподбни старешинки и сестри монахињи

Себлагоговејни презвитери,

Возљубени браќа и сестри,

Нависитина ми претставува особена чест, што по љубезна покана на нашиот брат, Светиот Куршевски и Демирхисарски, стојам сега со благопочитание и благодарност пред овој свештен евхаристски собор, собран во чест на споменот на славниот и омилен Отец наш меѓу Светиите, Николај Мирликиски Чудотворец.

Во сегашново сослужение бездруго гледам едно чудесно продолжение на таинството на братстката љубов со вашиот архипастир, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Јован, со кого се знаеме многу одамна, уште од нашата младост. Го кажувам ова, затоа што со Високопреосветениот г. Јован ја имавме можноста заедно да растеме во верата, заедно да ја посетуваме Градината на Пресвета Богородица, заедно да разменуваме мислења и молитви, и еве, по милоста на Кормиларот на Црквата, нашиот Спасител Господ Исус Христос, по сите перипетии, непријатности и притесненија, да застанеме еден до друг, како Негови архиереи, пред чесната Трпеза Негова. Навистина голем празник за мојата душа! И еве, нашето литуриско заедничарење се случува токму на споменот на Светиот Николај Чудотворец, на тој голем татко и пастир на Црквата Христова, кој и за време на својот живот, а и потоа сѐ до денес, полага огромна татковска грижа за единството на Црквата и за чистотата на верата. Затоа и свештениот химнограф го нарекува „правило на верата“. Сѐ уште живо се сеќавам кога одев на куќна слава за празникот на Свети Николај во благочестивиот дом на Владиката г. Јован во Битола, за сега повторно да дојдам кај него, во неговиот духовен дом, во овој сечесен храм, на тронската слава на неговата богочувана епархија.

И така, додека студениот декември нѐ подготвува со пост и воздржание за духовната топлина на Рождеството Христово, се собравме во овој херојски град Крушево, за да го прославиме сечесниот спомен на големиот угодник Божји, Светиот Николај Мирликискиот Чудотворец, тој велик светилник на Христовата љубов и сочувство. Во животот на овој чудесен угодник Божји, гледаме не само една значајна историска личност од раната Црква, туку, пред сѐ,  жив доказ за моќта на Евангелието во секое време, вклучително и во нашево.

Светиот Отец Николај, роден во третиот век, остана запаметен во колективното сеќавање на Црквата не само по својата милосрдност, не само по својата дарежливост, туку и по својата цврста, неразнишана вера во време на силни притесненија и прогонства. Неговиот живот е практично една жива икона на Создателот, којашто ја рефлектира Христовата светлина во темнината на светот исполнет со немири и расправии. И ова е првата лекција што ја земаме од неговиот живот: да бидеме носители на светлината Христова во нашево, исто така не помалку разбранувано време.

Почитувањето на овој возљубен сехристијански Светија не е се состои само од една богата традиција исполнета со разни убави обичаи. Тоа е, всушност, повик да се живее живот со длабока вера и со безгранична љубов, слично на животот на Светиот. Оти, житието на овој свештен Архиереј Христов било едно непрестајно дело на служењето во љубовта и милостивоста, една постојана Света Литургија. Тоа ни покажува дека Божествената Евхаристија за Христијанинот не завршува по отпустот на свештеникот во храмот, туку продолжува и надвор од него. Нашето богослужение во храмот го наоѓа своето исполнување во нашите постапки надвор од црковните ѕидини. Литургија по литургијата, на секојдневното служење на олтарот на нашите ближни, каде што како дарови ги принесуваме срдечната топлина, милосрдноста, широкоградоста, солидарноста, љубовта.

Чествувањето на милосрдниот пастир на Христовото стадо нѐ повикува да се потсетиме на прекрасните дела на овој „образ на кротоста“: скришното давање мираз, за биде запазена честа на младите девојки и на нивниот татко, заштита на невините, избавување на неправедно осудените и згрижување на сиромашните. Овие дела на љубовта пројавени во животот на Свети Николај не се само приказни од минатото, туку бесценети примери и за нас денес. Тие се предизвик да Го видиме Христос во секоја личност што ќе ја сретнеме, да Му служиме во секој чин на љубезност и да ја шириме Неговата љубов во секој агол од нашиот живот.

Во сета своја евангелска дејност, Свети Николај не барал признание; едноставно настојувал во секој миг од својот живот да ја отелотвори љубовта Христова. Оваа понизност е камен-темелник на нашето христијанско патување. Во свет кој често ја цени личната добивка над несебичната љубов, Свети Николај стои како потсетник дека давајќи добиваме, служејќи се воздигнуваме, а во љубовта оздравуваме и се надградуваме.

Славејќи го споменот на Свети Николај, добро е да се потсетиме дека секој ден е за нас од Бога дарувана прилика да чекориме по неговите стапки. Без разлика дали сме дома, на работа, во семејството, со пријателите, во општеството – да го внесеме духот на Свети Николај во секоја интеракција, во секоја постапка, во секој момент од нашето секојдневие. Да го прифатиме примерот на Светиот, не само денес, туку секој ден. Да бидеме дарежливи во љубовта, цврсти во верата и ревносни во служењето на доброто. Зашто, со тоа, не само што го почитуваме наследството на овој голем Светител, туку и се приближуваме до Самиот Христос, кој е причината и крајот на сите наши напори, на сите наши мечти.

Вистинското почитување на Свети Николај не се состои во некакво пасивно споменување на еден далечен светец, туку во активното учествување во неговиот свет живот, кој продолжува да нè радува и вдахновува. Неговата посветеност кон обожението, кон образованието во вистинска смисла на зборот – т. е. кон стекнувањето на образот и подобието Божји – и кон култивирањето на умот и на духот, е јасен повик до нас, неговите современи чеда, повик кој нè поттикнува да ја практикуваме нашата дејствена вера во секој аспект на нашето секојдневно живеење.

Така, споменот на Мирликискиот Чудотворец, подражавањето на неговата светост, во суштина е исполнување на тајната на преобразувачката моќ на Воплотувањето Христово, пројавена во сите Светии Божји и достапна за сите нас. Свети Николај и денес со истото татковство и со истата живост како пред седумнаесет века нè поканува да ги видиме нашите животи како литургиски приноси, каде што секојдневните наши трудови, борби, радости, таги, се преобразуваат во живо славословие за Бога.

На овој празник, наоѓаме огледало кое го одразува нашето сопствено патување, потсетник дека сме повикани да бидеме садови на мудроста и носители на Христовата светлина во свет што чезнее за вистина, убавина, широчина и милост. Затоа, да се приближиме кон овој празник со отворени срца за преобразувачката моќ на благодатта, со умови настроени кон мудроста на Светиот и со души подготвени за постојаното патување кон полнотата на животот во Бога.

Благословот и молитвите на Светиот Отец наш Николај Мирликиски Чудотворец нека бидат со сите вас.  Добар Божик на сите!

Амин!

 

Бигорски манастир