На манифестацијата ќе говори и директорот на Домот на култура „Кочо Рацин“-Скопје Сафет Камбери. Ќе следат поетски перформанси од актерите: Димитрина Мицкоска-Трајкоска и Бобан Алексоски.

Верица Мукоска (Вевчани,10.03.1999) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ, на Катедрата за Македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде е запишана на постдипломски студии по Македонска книжевност. Првите стихови започнала да ги пишува уште во детството кога е објавена и нејзината детска стихозбирка: „Стихови од срцето на природата“ (2009). Романот „Дневникот на длабоките тајни“ е нејзино прво прозно дело (2017), потоа следува романот „Равенка на стравот“ (2021), а потоа и стихозбирката „Тајнописец“ (2022).

Делото „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“ е нејзино прво книжевно дело од областа на книжевната наука и теорија (2023).

Уредничка е на најстарото македонско списание за литература, култура и уметност „Современост“.

Демонстратор е на Катедрата за Македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје при УКИМ од 2021 година. Професорка е по македонски јазик и литература во Струга и управител на невладината организација „Креатив Тим 22“ од 2022 год. Пишува есеи, раскази, статии, текстови за музички песни и трудови.

Преведува дела од јужнословенските јазици и од англиски на македонски јазик. Има учествувано и настапувано како водител на повеќе литературни и културни фестивали и манифестации. Нејзини песни се објавувани во македонската и странската книжевна периодика. Членува во организациските одбори на Вевкул (Вевчанско културно лето) и Струшки книжевни средби од 2018 год.