АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Свети Григориј Чудотворец, епископ Неокесариски

Божји човек и голем чудотворец, нарекуван втор Мојсеј. Роден од незнабожни родители, но угледни и богати, Григориј најпрво ги изучи елинската и египетската философија, но откако ја позна нејзината залудност и недоволност, се обрати кон христијанските учители, особено кон Ориген во Александрија, кај кого учеше неколку години и од кого прими Крштение.

Чист по душа и тело тој сакаше сиот себеси да Му се посвети единствено на Христа, заради што се оддалечи во пустина, каде што долго време помина во мачни подвизи. Славата за него се пренесе насекаде и Федим, епископот Амасиски, сакаше да го посвети за епископ Кесариски. прозорливиот Григориј ја забележа Федимовата намера, па се криеше по пустината од неговите пратеници, за да не го најдат.

Најпосле, Федим го посвети на чудесен начин и Григориј мораше да ја прими архипастирската служба. Му се јави Пресвета Богородица со свети Јован Богослов и на заповед од Богородица, свети Јован му го предаде Симболот на Верата познат под името Григориев. Кој ќе ги изброи чудата на овој втор Мојсеј? Им заповедаше на злите духови, заповедаше над горите и над водите, ги лечеше сите маки и болести, пред гонителите стануваше невидлив, ги проѕираше на далечина не само настаните туку и мислите на луѓето.

Земниот живот го заврши во 270 година, во длабока старост. Кога дојде за епископ во Кесарија го затекна сиот град незнабожечки и само седумнаесет христијани во него. А кога си заминуваше од овој живот го остави сиот град христијански, а само седумнаесет незнабошци во него. За ова прими венец на слава од својот Господ.

denovi.mk