АктуелноОхрид

(ФОТО) „Херои на чесноста” во Охрид – борбата против корупцијата не е едноставен процес и бара вклученост од целото општество

Корупцијата предизвикува негативни последици во општеството како што се неправдата, политичката нестабилност, нефер конкурентноста и намалувањето на довербата на граѓаните во државните и јавните институции, органи и служби, па токму затоа основните начела за борба против коруптивните дејствија треба да се вкоренат во свеста на децата, со цел тие да прераснат во поединци кои ќе го разберат значењето на правилното функционирање и дејствување во едно општество.

Препознавајќи ја важноста за тоа, ООУ „Братство Единство“, Охрид и ООУ „Живко Чинго“, с. Велгошти, Охридско, се вклучија во едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“.

Кампањата е предводена од страна на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и е дел од Активност за антикорупција и интегритет, проект што го спроведува Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје, со финансиска поддршка од УСАИД.

Нагласувајќи го значењето на кампањата, директорот на ООУ „Братство Единство” од Охрид, Џемал Мехмед истакна дека нивната главна цел како образовна институција, покрај стекнувањето знаење, е и нивните ученици да научат вештини кои ќе ги оформат во лица кои ќе носат суштински општествени промени.

„Коруптивните однесувања се појавуваат во сите слоеви на општественото живеење. Географски, корупцијата не познава граници. Корупцијата е појава што подеднакво ги напаѓа како развиените, така и неразвиените држави. Ниту една земја, без оглед на тоа колку е демократска, не е имуна на корупција. Оваа „општествена болест“ подеднакво ги напаѓа владините функционери, политичарите, деловните луѓе, директорите, професорите, лекарите, полицајците, судиите, адвокатите, новинарите и сите оние кои на определен начин вршат или се во функција на вршење некоја јавна дејност“, рече тој.

Според директорката на ООУ „Живко Чинго” од Велгошти, Љубица Ангелоска Кркачоска, корупцијата е еден од најголемите предизвици на нашето време.

„Корупцијата е загрижувачка појава за целото општество и треба да се спротивставиме на разни начини за да ја спречиме нејзината појава. Корупцијата ги загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, слободните, демократски и фер избори, независноста на судството и др. Токму затоа децата од мали нозе треба да ги научиме на интегритет, додаде таа.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, осврнувајќи се на нивното дејствување, посочи дека значењето на нивната „борба“ треба да се предочи пред помладите генерации, бидејќи само така ќе се случат радикални промени кои се од клучно значење.

„Корупцијата негативно влијае на уживањето и почитувањето на човековите права –граѓанските, политичките, економските, социјалните и културолошките. Корупцијата влијае на способноста на државата да ги заштитува човековите права и да ги исполнува своите обврски, особено за обезбедување функционално судство и фер судење, полиција, здравство, образование и социјални услуги итн. Борбата против корупцијата не е едноставен процес, туку подразбира ангажман на целото општество и иницијативност на сите нивоа. Секој граѓанин има законска и морална обврска да се бори против корупцијата. Ова значи не само препознавање на корупцијата и воздржување од коруптивни дејствија, туку и пријавување случаи на корупција“, рече Ивановска.

За да се намалат негативните последици кои настануваат од корупцијата, потребно е во државата да се воспостави цврста политика на борба против корупцијата, заради заштита на граѓаните и државата, а особено заради воспоставување и почитување на владеењето на правото.

Кампањата има за цел одблиску да им се прикажат на децата негативните влијанија од коруптивните потфати и штетите кои ги предизвикуваат. Исто така, целта е тие, како поединци, да имаат нулта толеранција кон луѓето кои подведуваат на корупција, а со тоа и да ги охрабрат да пријавуваат какво било коруптивно дејство.

Од Канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје ја потенцираа важноста од искоренувањето на корупцијата, посочувајќи дека за да се постигне успех, мора да се работи во сите сфери, како со децата, така и со возрасните.

„Промените речиси секогаш се случуваат бавно, но она што за нас е клучно, е тоа што забележуваме дека со ваков тип на кампањи поттикнуваме истите да се случат. Нашата мисија е гласно да зборуваме и никогаш да не запреме да работиме во правец на градење општество во кое се помалку се бележат неетичките поведенија“, истакнаа од ИФЕС.

За успешноста на кампањата се грижат и актерите Игор Ангелов и Фисник Зекри, кои на начин близок до учениците ги презентираат лошите страни на корупцијата и добрите страни на одговорноста и чесноста. За сценариото е задолжена Елеонора Венинова, која на вешт начин на дечињата им ја спојува забавата и едукацијата.

Начинот на кој се води едукативната кампања „Бидете херои на чесноста“, создава „херои“ кои засекогаш ќе ги запаметат пораките кои им се упатени и ќе ја надградат личната, а со тоа и колективната совест.