На 13.11.2023 година, во навечерието на празникот на св. бесребреници Козма и Дамјан и на св. Јаков Костурски, во храмот “Св. Климент Охридски” во Канбера, Австралија, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Радојчо Митрев и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј го произведе свештеникот Радојчо во протоерејски чин, а по завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ги повикува кон Себе сите, без разлика дали се добри или лоши, праведни или неправедни. Посебно ги повикува кон Себе оние луѓе кои своите животни сили главно ги потрошиле рушејќи го со своите постапки Божествениот поредок во светот. Господ Христос во евангелието според Лука вели: Здравите немаат потреба од лекар, туку болните (Лк. 5, 31). Затоа Он посебно ги повикува кон Себе луѓето обременети и уморни од беззаконијата и заблудите, и од постапките кои се толку тешки и непријатни, што човекот не може мирно да гледа ниту во очите на Бога ниту во очите на луѓето. Таквиот човек оди низ својот живот со наведната глава, поради бремето на срамот и очајанието. Во таков случај, Господ Христос бара само една работа, човекот да се согледа самиот себеси и да пријде кон Него. Некој многу мудро рекол: „приближувањето кон Бога е слегување во себе“. Тоа е како средбата на Савле со Христа на патот за Дамаск, средба која целосно го изменила правецот на животот на Савле, согледувајќи ги поранешните беззаконија и постапки. Па затоа Савле постанал Павле, и сосема друга личност, и се вратил од Дамаск во Ерусалим како најревносен Христов апостол. Таква промена му е потребна на секого од нас. Но, секој човек е оптоварен со гревот и беззаконијата. Најпрвин потребно е да ги согледаме своите постапки, потоа со жалење да се однесуваме за своите гревови и најпосле да принесеме и покајание. Потоа доаѓа и промената, Божјо опростување и духовно и телесно растоварување.
Дојдете кон Мене, Јас ќе ве успокојам – му порачува Спасителот на секого од нас. Дојдете да ви опростам, а не да ви судам. Дојдете да ви помогнам, а не да ве казнам. Дојдете затоа што ве сакам, а не зашто ве мразам. Дојдете зашто бевте изгубени па се најдовте, што бевте мртви па оживеавте. Единствено што барам од вас – покајте се! Изменете се, поправете се, сменете го својот пат, откажете се од лошите гревови и постапки и следете го Евангелието и црковните закони.
Денеска ги прославуваме светите бесребреници Козма и Дамјан, двајца браќа по тело, кои го посветиле својот живот на правење добри дела. Со Божја благодат биле обдарени да прават најразлични лекарства од билки и да им помагаат на луѓето. Покрај билките, поради нивната силна и непоколеблива вера и добродетелен живот, Бог преку нив дејствувал та можеле да лекуваат секакви болести, но во името на Господа Исуса Христа, а не во свое име. Имале земено завет дека за каква и да е помош што ќе ја направат на луѓето нема да примат никакви дарови и средства. Строго ќе се придржуваат на Христовите зборови: бесплатно примивте, бесплатно давајте, и затоа светата Црква ќе ги нарече свети бесребреници, односно оние коишто лекувале бесплатно.
И ние, денеска, кои сме собрани во овој свет храм посветен на св. Козма и Дамјан, да им се обратиме со искрена молитва, тие да бидат наши молитвеници, па преку нивните молитви и ние да го слушнеме гласот на Христа, кој вели: Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мт. 11, 28). Да измолиме милост пред Севишниот, Он да ни го утврди патот, та секогаш да одиме со Христа, а никогаш против Христа, и така да измолиме милост за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. По молитвите на светите бесребреници, така нека биде. Амин.
Вечерна на Свети Врачи
Храм „Св. Климент Охридски” Канбера
Дебарско кичевка епархија