среда, ноември 27, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Преподобната маченичка Анастасија Римјанка

Родена во Рим од благородни родители а остана сираче кога имаше три години. Како сираче, ја одгледаа во еден женски манастир во близина на Рим, каде што игуманија беше некоја Софија, монахиња на висок степен на совршенство.

По седумнаесет години, Анастасија се прочу меѓу христијаните наоколу како голема подвижничка, а меѓу незнабошците како ретка убавица. Незнабожниот градоначалник Проб слушна за неа и испрати војници да ја доведат.

Нејзината игуманија два часа ја советуваше како да ја држи верата, да им одолее на ласкавите измами и да ги истрпи маките. Анастасија ѝ рече: „Готово е срцето мое да пострада за Христа, готова е душата моја да умре за преслаткиот Исус“. Изведена пред кнезот, Анастасија јавно ја исповеда својата вера во Господ Исус Христос.

А кога кнезот ја одвраќаше од верата најпрво со ласкања, а потоа со закани, Светата маченичка му рече: „Подготвена сум да умрам за Господа не еднаш, туку ако е можно и стопати.“ Кога ја разголеа за да ја исмеат, таа им викаше на слугите: „Бијте ме и сечете ме и растргнете ме и покријте го со рани моето тело и скријте го со крв мојот срам!“ Ја биеја, растргнуваа и ја сечеа.

На двапати почувствува голема жед и побара вода. Ја напои еден христијанин Кирил, заради што маченичката го благослови, а незнабошците го убија. Ѝ ги отсекоа градите и јазикот. Ѝ се јавуваше Ангел Божји и ја крепеше.

Најпосле ја убија со меч надвор од градот. Блажената игуманија Софија го најде нејзиното тело и чесно го погреба. Се овенча со маченички венец во времето на царот Декиј.

 

 

Denovi.mk