АктуелноОхрид

Ковачевски вината за автопатот Кичево-Охрид ја гледа во изведувачот и проектантите

Виси во воздух договорот со кинеската компанија Синохидро, која цела една деценија го гради автопатот Кичево-Охрид, кој со сите анекси достигна цена од 600 милиони евра. Одговорноста за проектирање на автопатот имаат проектантските куќи што го направиле проектот, додека изведувачот на работите е одговорен за изградба на автопатот, рече премиерот Димитар Ковачевски, кој пред неколку дена најави можност за раскинување на договорот со Кинезите, бидејќи и по цели 10 години не успеале да го направат автопатот, објави mk.voanews.com.

„И, по продолжувањето на градење на автопатот односно склучување на анекс пред неколку години, повторно се појавиле 11 нови свлечиште кои не овозможуваат довршување на автопатот во овој момент. И, тоа е нешто кое мора да се исправи. Но, од друга страна се поставува прашање, дали тој изведувач и неговите супконтрактори кои ги ангажирал, се во состојба да изградат вакво автопатско решение“, рече Ковачевски.

Во меѓувреме во тек е ревизија од страна на Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и успешноста на капиталните инвестиции, додека меѓународни експерти ќе треба да направат анализа на договорот и дадат предлог решенија и мислења, како да се продолжи со реализација на проект.

Премиерот е свесен за можните финансиски импликации врз државата од евентуалното негово раскинување. Сепак крајната одлука ќе ја имаат пратениците во Собранието.

„Фидик експертот треба да каже кој се ефектите и начинот на кој би се продолжило со работа со истиот изведувач или би се прекинала соработката, бидејќи во тој случај би постоеле финансиски импликации, кои може да бидат единствено дефинирани од страна на меѓународен арбитражен суд кој е наведен во договорот“, рече Ковачевски.

Во случај на спор, надлежен е меѓународниот арбитражен суд во Париз. Уште од самиот почеток овој проект го следат серија проблеми, како што е неусогласеност на проектната документација, задоцнета експропријација и предавање на траса, констатирање на променлива геологија на терен која не одговарала со геологијата предвидена со проектите.

На неодамнешна трибина во Охрид, експертите ги изнесоа проблемите.

„Многу луѓе го нарекоа црната точка во нашата држава и треба да бидеме свесни за тоа. Мое лично согледување е дека ова десетгодишно мачење се должи на два аспекта. Првиот се техничките причини што се директно поврзани со квалитетот на проектната документација. Меѓутоа и неефикасните административни постапки и одлуки кои земаат многу време, во кое инженерите треба да го прават она за што се платени. Имало укажувања до јавното претпријатие можеби дека таа траса која била повлечена во крајните 90- ти години денес и не е најдобрата траса“, вели универзитетскиот професор Јосиф Јосифовски.

„Уште на самиот почеток се соочивме со нерешени имотно правни работи. Согласно на тоа пристапот на давање на трасата во владение одеше бавно односно парцијално. И, ден денес на само два месеци до завршување на рокот, постојат делови од трасата каде немаме пристап поради не решени имотно правни работи. Проектните решенија претрпеа и се уште трпат модификации заради квалитетна изградба на автопатот. Дислоциравме бандери на свој трошок, па дури дислоциравме и црква која беше на самата траса на автопатот. Апелирам до сите релевантни чинители со оглед на тоа што за неполни два месеци истекува рокот за градба да размислат во кој правец ќе се движи понатамошната изведба на автопатот. Секој дисконтинуитет во работењето ќе доведе до големо дерогирање на веќе изграденото, загуби на големи финансиски средства, углед на државата и слично“, рече градежниот инженер во ГП Илинден, Горан Домазетоски.

Според надлежните околу 71 отсто од делницата досега е изградена. Автопатот првично требаше да биде готов во 2018, па јуни 2021 година, додека последниот краен рок е предвиден за декември 2023.

извор: mk.voanews.com