Факултетот за туризам и угостителство од Охрид беше домаќин на втората транснационална тренинг конференција за одржливи практики во кулинарството и развој и генерирање на дигитални алатки и ресурси што ќе се користат во образованието, како дел од проектот SCOOK во рамки на акцијата КА220VET од Еразмус + програмата. Настанот се одржа во Охрид и Битола во периодот од 16 до 20 октомври, а на истиот, покрај професорите и студентите од ФТУ Охрид, учествуваа професори и професионалци од АТУ универзитетот во Голвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија, Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за биотехнички науки од Битола, Македонија.
На конференцијата се одржаа серија работилници согласно целите на проектот кој се вклопува со приоритетите на ЕУ за одржлив развој како дел од Агендата 2030 на ОН.
Работната средба започна со дисеминација на резултатите и реализираните истражувачки и тековни акции за реализација на целите на проектот, како и запознавање со студиските програми, начинот на студирање и можностите кои ги нуди универзитетот и факултетот.
Во тековната недела, беа одржани предавања во делот на развој и имплементирање на дигиталните алатки во образованието, како и теми поврзани со организирана целосна дигитализација во агроиндустрискиот сектор. Презентирани беа низа практични примери за одржливост во делот на прехранбената индустрија и кулинарството.
Покрај тематските предавања, дискусии и обуки, беа организирани и теренски активности во Охрид и Битола, преку кои останатите партнери имаа можности да се запознаат со одржливост на производството во млекарската индустрија согласно стратегијата F2F, традиционални кулинарски практики како и со одржливо органско пчеларење. Посета беше направена и на Факултетот за биотехнички науки, Битола како високообразовна институција која профилира кадри во делот на прехранбената индустрија.
Преку синергија на експертиза и искуство кое во проектот го носат сите партнери, како и дебатите, заклучоците од организираните активности, може да се констатира дека целите на проектот, се актуелизираат, промовираат и се реализираат според предвидената динамика.