АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ФОТО) Отслужена Света Архиерејска Литургија во храмот Пресвета Богородица и св. вмч. Ѓорѓи” во Епинг, Мелбурн, Австралија

На 29.10.2023 година, во Дваесет и првата недела по Педесетница и на празникот на преп. мч. Лонгин Антиохиски и на преп. Лонгин Печерски, во храмот “Пресвета Богородица и св. вмч. Ѓорѓи” во Епинг, Мелбурн, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, игуменот Гаврил, свештениците Јован Димитров од Руската задгранична црква и Климент Станковски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, го имал Генисаретското Езеро како омилено место за Божествената проповед. Св. ап. и ев. Матеј, во неговото Евангелие, забележал дека Исус Христос таму изговорил седум параболи за Царството Божјо. Првата помеѓу тие параболи е за сејачот и семето, за којашто, пак, денеска слушнавме од светото Евангелие според Лука.

Секој збор што го изговорил Господ Исус Христос ги обврзува сите Негови следбеници преку сите времиња. Така и оваа парабола за сејачот и семето, која е полна со мудрост, нѐ обврзува и нас, Христовите следбеници. Затоа и потребно е да ја слушнеме со внимание за да излеземе од овој Божји дом збогатени со мудростите на нашата света православна вера.

Еден ден, кога Господ Исус Христос се наоѓал на брегот на Генисаретското езеро со Неговите 12 ученици и многуброен народ од сите Израилеви краеви, качен на кораб ја кажал оваа парабола: Излезе сејач да сее семе. Додека сееше, едно падна покрај пат и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна  на камен, па штом никна, се исуши, зашто немаше влага; едно пак, падна меѓу трње; и израсна трњето па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод. Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“ (Лк. 8, 5-8).

За разлика од другите параболи, оваа парабола ја протолкувал самиот Господ Исус Христос на молба од Неговите ученици, велејќи им: Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Царството Божјо, а на останатите им се зборува со параболи (Лк. 8, 10). Самиот Господ Исус Христос кажува дека Сејачот е Бог, семето е Неговата наука, додека, пак, почвата каде што се сее се душите на луѓето. Така душите можеме да ги поделиме на четири категории. Првите три категории, што одговараат на семињата кои паднале на пат, на камен и на трње и не донесуваат род соодветствуваат на човечките гревови, на славољубието, среброљубието и сластољубието, страсти што предизвикуваат паѓање на луѓето.

Првата категорија одговара на гревот славољубие, кој бил и причината за паѓањето на првиот ангел – Деница, во неговиот бунт против Бога, како и за падот на првите луѓе, Адам и Ева, поради непослушноста на почетокот од историјата на човечкиот род. И ангелот Деница и првите луѓе Адам и Ева сакале да го заземат местото на Бога, односно да постанат богови. Исполнети со славољубие, паднале во грев, а преку гревот и во проклетство, односно во најцрна темница, првиот како врховен ангел, кој оттогаш е познат како демон или ѓавол, а на истиот начин паднал и првиот човек Адам. Припадниците на оваа категорија од оваа парабола се и луѓе без Бога, кои себеси се сметаат за доволни и стапуваат на местото на Бога. Човекот е според нив невин за сите работи, бидејќи нема Бог. Гревот на славољубието и кај нив делува како што некогаш делувал кај Деница и Адам и предизвикува исти последици.

Другата категорија е човечката душа која одговара на гревот на среброљубието, кое го предизвикало паѓањето на Јуда, апостолот Христов, еден од дванаесетте. Маѓепсан од парите се соблазнил, па Го предал својот Учител и Господар за триесет сребреници. Припадниците на оваа категорија можеме да ги сретнеме на секој чекор и во секој час, и тие одново и одново Го издаваат својот Господ и постануваат слични на Јуда.

Третата категорија на душите на љуѓето е соодветна на гревот на сластољубието, кој предизвикала пад на оној богаташ, кој се облекувал во порфир и свила, и секој ден живеел во раскош и се веселел (Лк. 16, 19), а сиромавиот Лазар ги немал ни ронките од неговата трпеза. Тие наликуваат и на она друго богато момче, кое кога слушнало дека треба да продаде сѐ што има и да го раздаде на сиромаси ако сака да биде совршен, се свртел од Господа и си отишол нажален, оти му било жал за големото богатство (Мт. 19, 22). Припадниците на оваа категорија и денес оптоварени со сластољубие Го гушат Господа, како што трњето го задушило семето и не донело богат плод.

Само четвртата категорија на човечки души, кои се слободни од славољубие, среброљубие и сластољубие и се украсени со Христовите добродетели на смиреноста, почитувањето и непорочноста се слични на четвртото семе кое паѓа на добра земја и донесува религиозен род на трпение и тоа: едни по триесет, други по шеесет, а трети стоструко.

Да се запрашаме и ние искрено, на која категорија припаѓаат нашите души? Да не бидат и не дај Боже да се во категоријата на безбожните славољупци и јудино-среброљупци или, пак, во богатите сластољубци. Сѐ уште имаме време, и доколку припаѓаме во овие несакани категории да се поправиме и да измолиме прошка од Семилостивиот Бог, па да се сместиме и ние во четвртата група. Да станеме плодна почва, каде семето Христово посеано ќе даде сериозен плод на доброто, благочестивото, хуманото, искреното, и она кое и нас ќе нѐ удостои да се наречеме деца Божји и да измолиме милост за нашето спасение, сега и во сета вечност. Амин.

21 недела по Педесетница

Храм „Св. Ѓорѓи“

Епинг, Мелбурн

29.10.2023 г.

 

Дебарско кичевска епархија