АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Во Пераст сателитски антени, клими, доградби, кафани во морето и заштита од УНЕСКО, а Охрид на некого „трн“ во око

Пераст – град, село или приградска населба во Црна Гора заштитен од УНЕСКО е сместен во подножјето на ридот Свети Илија во Которскиот залив. Името го добил по илирското племе Пируста, а за раното населување на овој крај сведочат праисториските остатоци пронајдени во пештерата Шпил над Пераст.

Двете островчиња во близина на Пераст заслужуваат да се споменат – Свети Ѓорѓија и Богородица на карпите, кои се едни од најидиличните места во земјата.

Најдобриот начин да се посети регионот е со брод кој тргнува од Котор до Пераст. Но, доколку одите со автомобил ќе се изненадите. Имено, пред самото градче има рампа, па автомобилот мора да го паркирате по самата сообраќајница према Котор. Се влегува исклучиво пеш, или со бесплатниот градски превоз со соларни возила. Но, за да го искористите овој превоз, треба многу да чекате. А за да го паркирате автомобилот поблиску до рампата треба на вработените да им платите 10 евра, за како што велат тие овие места се за одговорните лица, но откако ќе платите, а за тоа не добивате сметка веднаш местата стануваа слободни.

Штом зачекорите низ главната улица на градчето, очекувате да одите по камен, но ќе забележите дека истата е асфалтирана и средена. Самиот град изгледа како парче од Венеција што пловело по Јадранот и се закотвило во Которскиот залив. Има само една главна улица, но, може да се пофали со 16 цркви и 17 поранешни големи палати.

Низ градот има многу туристи, кои задолжително ги посетуваат островчињата Свети Ѓорѓија и Богородица а потоа уживаат во амбиентот во многуте локали кои се буквално во самото море. Но, ова очигледно воопшто не му смета на УНЕСКО. Туку, напротив. И покрај тоа што навидум е забрането влегување со автомобили, сепак по единствената главна улица има многу паркирани автомобили, но да претпоставиме дека тие се од локалните жители. Штом седните во локалите гледате или во морето или кон планината, а тука неможе а да не забележите дека истата постојано се копа и се градат објекти. Буквално се користи секоја педа која има убав поглед кон морето, за да изгради сместувачки капацитет.

Доколку се расшетате по тесните улички на градчето, буквакно може да забележите доградби кои ја запазуваа старата архитектура, но сепак станува збор за доградби. А на сите буквално сите куќи има клима уреди и остатоци од сателитски антени, кои повеќе немаат никава функција, но ете останале.

Само да се потсетиме дека според Нашата Владина комисија за УНЕСКО, жителите на стариот дел од Охрид како што беше кажано, по барање а УНЕСКО, треба да ги отстранат или да постават на друго место, сите елементи што им се на крововите – од клима уреди,сончеви бољери, панели, сателитски антени. Кога станува збор за УНЕСКО сакале или не ни се наметнува прашањето: Зошто некаде сметаат клима уредите , а некаде не?

Кога станува збор за чистотата пак, Пераст е чист само на изглед.По главната улица нема воопшто смет, но затоа пак само да навлезите во сокачињата е тука состојбата е многу поинаква. Картонски кутии и многу смет. Но, ова нели не излегува на фотографиите од туристите, затоа што генерално секој турист се фотографира покрај морето, а за позадина се одбираат двата острови, па лукавите жители на овој туристички бисер се досетиле дека чиста треба да биде најпосетената главна улица.

Инаку со Законот за заштита на природно-културно-историскиот регион Котор (2013) предвидува формирање на Совет за управување со Которскиот регион, со улога на координирање на зачувувањето, зачувувањето и управувањето со имотот. Дополнително, со тампон зоната дефинирана во 2011 година која ја опфаќа целата област на заливот Бока Которска, беше поставена основата да се третира овој културен предел на интегриран начин преку просторни и развојни планови. Сепак, потребна е зголемена свест за третирање на впишаниот имот и тампон зоната како составен дел од уникатниот културен пејсаж на заливот Бока Которска.

Овие места кои како што многумина ги нарекуваат „дел од рајот“ како Котор, Пераст, Охрид… треба да бидат отворни за сите, а при тоа да си ја зачуваат својата историја, но тоа не значи дека треба да живееме во минатото. Напротив, еве Црна Гора има Совет за управување со Которскиот регион, овој совет очигледно си ја знае работата, па не ги кочи градовите да се прилагодуваат на новитетите, а што се однесува до Охрид и Македонија е тука е малку поинаква ситуацијата.

Сите знаат да критикуваат дека најголем проблем на Охрид е недостатокот на катна гаража, а никој не се запрашува зошто нема. Одговорот на ова прашање лежи исклучиво кај Комисијата за УНЕСКО во Македонија, кои упорно си молчат кога и се постави вакво прашање кое е наменето исклучиво до нив.

Охрид 1 во неколку наврати се обиде да добие одговори од членовите на комисијата, но првично после неколку смс преписки побараа прашањата да им се испратат на маил. На 04. септември им беа испратени и прашања, но сепак ни на тоа не одговорија.

Само да потсетиме дека плоштад Крушевска Република, е проект кој е закочен затоа што до овој момент нема стручна ревизија. Дали и кога ќе се направи, одговор од комисијата до денеска не добивме.

За да се изведат градежни зафати на дел од ул. Гоце Делчев се чека комисијата за УНЕСКО. Дали е разгледан овој проект дали е извршен увид, а доколку не е кога треба да се разгледа проектот и да се направи увид, исто така никој не ни одговори.

Во Трпејца треба да се гради прочистителна станица, но се уште се чека мислењето од Завод и Музеј и од НП Галичица. Дали и за овој проект треба да добие мислење од комисијата за УНЕСКО, дали е разгледан и кога ќе се има конкретни информации дали истиот има зелено светло за реализација, одговор нема.

видео: Охрид 1