Заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски ги поздрави учесниците и организаторите на Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ кој се одржува петта година по ред.
Организаторот на овој поетски собир е Друштвото за култура и литература „Мацково“ со поддршка на Општина Охрид.
Со младите учесници на кампот од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Албанија и од Црна Гора, ќе работат истакнати поетски автори. Манифестацијата ќе трае до сабота, 26-ти август и ќе се одржува во Охрид, Струга, Вевчани, Белчишта и во Црвена Вода.
Поетските работилници, годинава, ќе ги води проф. д-р Милутин Ѓуричковиќ, истакнат српски поет, идеен творец, основач, сега претседател на Институтот за детска литература во Белград, член на Европската академија на науките и уметностите.
Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО.