Во рамки на овогодинешната програма на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вчеравечер во Конгресниот центар се одржа промоција на книгите „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ и „Славе Ѓорго Димоски во книжевната критика“ кои се издадени со поддршка на Општина Охрид.
Пред присутните на промоцијата, свое обраќање имаше заменик градоначалникот, Перчо Божиновски.
– Особено сме горди што како бисери во низа се редат вредните книжевни дела издадени под покровителство на Општина Охрид и кои оставаат силен печат во литературното издигнување на нашиот град и се паметници на нашата историја и култура.
Чувањето, негувањето и унапредувањето на Македонскиот јазик е мојата определба како македонист и затоа сум особено почестен што по втор пат имам можност да говорам пред новите генерации млади лингвисти и книжевници, кои ќе продолжат да ја шират уникатноста на Македонскиот јазик и сите значајни сегменти од бесценетото македонско творештво.
Навистина се радувам што вечерва, овде пред вас ќе промовираме две значајни книги, кои поради нивната содржина и квалитети зазадоа значајно место во овогодинешната програма на Летната школа на Меѓународниот семинар за Македонски јазик, литература и култура.
Почитувани,
„Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ е капитално издание кое и ни ги доловува најзначајните сознанија за животот и делото на нашите духовни учители, градители на Охридската архиепископија и носители на писменоста. Свети Климент и Наум се симболи на македонскиот идентитет, а нивните писма и проповеди се извори на учење и инспирација. Тие се икони на верата и мудроста и се пример за посветеност кон духовниот пат и несебично служење на Бога.
Оваа книга е портал преку кој може да ги истражиме нивните учења, нивната посветеност кон знаењето и верата. Во времето кога технологијата и брзиот ритам на живот ни се наметнаа како доминантни, книгата за Свети Климент и Наум ни дава можност да се замислиме и да се повлечеме во длабока духовна рефлексија.
Особено им благодарам и упатувам искрени честитки до авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски за нивната неуморна работа и нивниот несебичен труд и за овој бесценет книжевен подарок, кој го оставаме како аманет за идните покленија.
Покрај ова издание, вечерва сме тука да говориме и за уште една значајно литературно дело во кое е испреплетена дејноста на авторите кои ги споменав предмалку.
Книгата зборува за творештвото на нашиот врвен охридски поет и книжевник Славе Ѓорго Димоски, а на истата како приредувач се потпишува неговиот соработник и истакнат книжевен деец Димитар Пандев.
Патувајќи низ страниците на оваа книга во која се испишани записи, осврти, текстови и други објави од книжевната критика за поезијата, книгите и творештвото на Димоски, од страна на врвни писателски имиња од Македонија од странство, се чуствуваме навистина привилегирано што сме охриѓани и што сме присутни овде, во овој сегашен миг, што имаме можност лично да го познаваме и што имаме можност да учиме од неговите неисцрпни искуства и да ги следиме неговите книжевни стапки.
Во мое лично име и во името на Општина Охрид му посакувам да оствари уште многу успеси во својата литературна дејност и да продолжи да не радува со нови стихови и песни, кои ни откриваат нови и убави светови.
Ви благодарам на вниманието и посакувам наредната година да имаме можност да промовираме уште некое ново литературно дело кое има непроценлива вредност и го надополнува богатството на охридската и македонската култура, истакна Божиновски во своето обраќање.