петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Светиот апостол Матиј

Родум од Витлеем, од племето Јудино. Му беше ученик на свети Симеон Богопримец во Јерусалим. Кога Господ излезе да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружи на оние што Го љубеа Господa, зашто и самиот од сесрце Го љубеше, со сладост ги слушаше Неговите зборови и ги гледаше Неговите дела.

 

Во почетокот Матиј беше приброен кон седумдесетте Христови апостоли, но по воскресението на Господа, бидејќи местото на Јуда кој Го предаде беше испразнето, апостолите со ждрепка го избраа Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23). Откако Го прими Светиот Дух на Педесетница,

 

Матиј појде на проповед на Евангелието и проповедаше најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде претрпе големи маки за Христа. Се смета дека проповедал и во Македонија, каде сакале да го ослепат, но тој станал невидлив за своите мачители и така ја избегнал опасноста. Кога се најде вo затвор, му се јави Господ, го укрепи и го ослободи.

 

Најпосле повторно се врати на работа во Јудеја. Овде беше обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого бестрашно сведочеше за Христа. Анан, оној истиот којшто претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт.

 

 

Тогаш светиот апостол Матиј го изведоа и го убија со камења, а отпосле му ја отсекоа главата со секира – ова беше римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применија врз мртов човек за да претстават пред Римјаните дека убиениот бил и противник римски. Така заврши овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.

 

 

denovi.mk