АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Мир за душата, лековита вода и вредни и ретки икони – Манастир Св. Спас – Горно Лакочереј

Сместен во планинскиот дел на Горно Лакочереј, манастирот „Свети Спас“ е вистинска оаза, со целосно хортикултурно уреден двор, цвеќиња, тревници, четиринаесет конаци, две кујни (едната за дваесеттина, а другата за 120 лица ) „Свети Спас“ на сите намерници им нуди место за одмор, со сите можни удобности.

Жителите на Лакочереј раскажуваат дека овој манастир според големината на имотот и сето она што го поседува, е вториот најбогат манастир во нашата епархија.

Инаку, во тек е и санацијата на фрескоживописот на манастирот кој во минатото бил делумно оштетен од влага.

Манастирот с наоѓа на околу 4 км. југоисточно од селото Горно Лакочереј.

Според податоците црквата е изградена во 1930 година. Но, според одредени предмети кои биле пронајдени на ова место, манастирот датира од многу поодамна.

Во манасторот има и многу ретки и многу вредни икони. На едната икона со димензии 48х30х3 сантиметри која потекнува од 19 век во централниот дел е насликана Св. Богородица со малиот Христос. Во нивна позадина е претставен чудотворецот и заштитник на водите Св. Никола. Раритет на иконата претставуваат насликаните четири ликови, еден до друг, во долниот дел во посебно врамени полиња. Тоа се Светите воини Димитија и Ѓорѓија со копје во левите раце и маченички крстови во десните. Во средината е насликан Св. Климент Охридски облечен како архиереј со круна на главата и жезло во левата рака, а со десната благословува. Лево од него е претставен Стилијан – заштитникот на болните деца и бездетните родители. Тој со левата рака придржува мало детенце или бебе во повој.

Втората икона со димензии 74х40х3 сантиметри има уште поголема историска и уметничка вредност. Се работи за литиска икона (сликана од обете страни) и од првичните анализи е датирана во средината од 17 век. Од едната страна е насликана Св. Богородица со Христос во својот вообичаен став. Другата страна пленува со својата извонредна уметничка изведба. Целата икона е изработена во плиток релјеф (резба). Во средината е насликана Св. Богородица со малиот Христос која го држи во својот скут. Св. Богородица седи на царски престол богато декориран со вретенести орнаменти, а од обете нејзини страни се претставени војсководителите на небеските сили – Архангелите Гаврил и Михаил.

Пред самиот манастир има и место кое е соодватно заштитено и за кое верниците убедуваат дека од планината извира лековита вода која понира токму овде. Жители и верници раскажуваат дека многу помага за видот.

На горниот кат од манастирските конаци има и т.н Гостинска соба. Убаво уредена и погодна за многу настани на кои би учествувале повеќе луѓе а кои сакаат мир.

Манстирот по својата градба, претставува развиен крст впишан во квадратна основа, со купола на средината. Градена е од делкан камен, во нововизантиски стил. Од јужната страна, истовремено, е изградена припрата. Фрескоживописана е во седумдесеттите години на ХХ век, за време на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Методиј.

Над самиот влез од манастирот, во 1986 година, изградена е камбанарија. Затоа ако некогаш патот ве носи кон Горно Лакочереј, ви препорачуваме посетете го и манастирот „Свети Спас“, тоа место навистина има што да понуди.

 

извор: Охрид 1