Камерниот оркестар „Ла Спања“ вечерва ќе настапи на 63-тото „Охридско лето“ во рамки на Шпанската вечер на фестивалот. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
На програмата ќе бидат дела од Хуан дел Енцина, Винченцо Капирола, Гиљелмо Ебрео да Песаро, Франческо да Милано, Антоние де Кабесон, Хајнрих Исак, Франциско де ла Торе, Алехандро Мариас и Рамиро Моралес, Диего Ортиз , Франсис Пилкингтон, Тобиас Хуме, Антоан Форкерај и Марин Мараис.
Шпанската вечер на „Охридско лето“ се одржува со поддршка на Амбасадата на Шпанија во Република Северна Македонија.
Ансамблот „Ла Спања“ името го добива од една од најпознатите мелодии од ренесансниот период, а е основан во 2009 година од Алехандро Мариас. Овој ансамбл ги обединува некои од најдобрите музичари кои свират на автентични инструменти. Ансамблот има флексибилна формација, што значи може да настапува како камерен состав или пак како барокен оркестар. На тој начин „Ла Спања“ може да настапува во изведба на ораториуми и опери заедно со гости солисти и диригенти, или пак да се трансформира во помали состави за потребите на програмата.
Овој ансамбл е посветен на изведба на дела од периодите на ренесансата, па сѐ до раниот романтизам, а понекогаш дури и на дела од 21 век. Сепак нивниот главен фокус е во барокниот период, но изведувајќи дела и од други периоди тие покажуваат еден вид уметничка разновидност што ја обединуваат неколку премиси, а тоа се убедливи и искрени изведби на дела со особена почит кон историските, социјалните и стилски предуслови на репертоарот што го изведуваат.