Книгата „Боите на мојата музика“ од авторите Снежана Анастасова – Чадиковска и Марко Коловски ќе биде промовирана денеска во рамките на програмата на 63-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.
Промоцијата ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот. Промотори на ова дело чиј издавач е Музички Издавачки Центар (МИЦ) ќе бидат Илинденка Петрушева, филмолог, филмски критичар, историчар на филмот и есеист и Александар Трајковски, музички теоретичар, истражувач, педагог и публицист. Модератор на вечерта ќе биде Милчо Јованоски, новинар и публицист, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“-Охрид, а водител, Наташа Поповска-Карче, сликар, уметник, стоматолог.
Книгата „Боите на мојата музика” е приказна за животниот и творечкиот пат на Снежана Анастасова – Чадиковска, истакната пијанистка, пијано педагог, музички публицист, аниматор и организатор.
Снежана Анастасова-Чадиковска низ своите спомени за контекстот во кој раснел и разраснувал нејзиниот огромен опус и музикологот Марко Коловски – со поглед од страна, како обид на навидум невозможното, стручно да се опсервира непрегледното, создаваат уникатно дело примамливо за секој читател. Колоритна, раскошна, блескава, всушност како и боите на сликата „Хипостази на животот“ од ликовниот уметник Венијамин Хаџи – Наумов, која визуелно го збогатува ова издание.