Овој Светител беше роден во Антиохија во времето кога Господ Исус одеше како човек меѓу луѓето на земјата. Штом слушнаа за чудата Христови, родителите на Панкратиј посакаа да Го видат чудотворецот Господ. И заедно со Панкратиј дојдоа во Јерусалим, каде што Го видоа Исус, ги слушнаа Неговите зборови и ги видоа чудата Негови. Панкратиј овде се запозна со светиот апостол Петар. По вознесението на Господ родителите и синот се крстија во Антиохија. Панкратиј се повлече во некоја пештера во Понт, кај што го најде апостолот Петар, па во договор со Светиот апостол Павле го постави за Тавромениски епископ во Сицилија. Во овој град свети Панкратиј изврши големи чуда, ги разори идолите, ги крсти некрстените а ги утврди крстените, и добро управуваше со Божјата Црква. Некој незнабожен војвода Аквилин, чу дека сиот град Тавромен стана христијански, па тргна со војска на овој град за да го разурне. Свети Панкратиј ги охрабри верните да не се исплашат, а самиот со клирот излезе надвор од градот носејќи го во рацете непобедливото оружје, чесниот крст. Кога војската се приближи до градот, на неа падна некоја темнина и ја обзеде голем страв. Настана голема врева, а напаѓачите се навртеа еден против друг и се избодоа и се исекоа со сабјите. Така го спаси градот и своето стадо со силата на својата молитва пред Господ Божјиот угодник Панкратиј. Најпосле беше убиен со камења од некои завидливи и злобни незнабошци и се упокои во Господ. Неговите Свети мошти почиваат во Рим.