сабота, ноември 16, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Музичката програма на „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на Трио „Инвентио“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува  со настап на Триото „Инвентио“ од  Италија. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата на вечерашниот концерт ќе бидат изведени дека од Бах, Де Берио, С. Танејев и  А. Дворжак.

Ова трио го сочинуваат Јулиа Беринскаја, прва виолина, Валентина Данелон, втора виолина и Ана Серова на виола.

Јулија Беринскаја е родена во уметничко и музичко семејство, нејзиниот раскошен талент е откриен на рана возраст од нејзиниот татко Сереј Берински кој е еден од најзначајните композитори на 20 век во Москва и Русија и тој ја насочува неговата ќерка да учи виолина. Нејзината брилијантна кариера како солист, камерен музичар и педагог ја носи во Италија, Холандија, Швајцарија, Франција, Германија, поранешна Југославија, САД, Израел, Русија и др, каде настапува со оркестри како „Верди“ во Милано, оркестарот на Миланскиот конзерваториум, оркестарот „Амадеус“ во Москва, Филхармонијата во Свердловск, оркестарот „I Musici” во Парма и др. Како камерен музичар настапува на некои од најзначајните фестивали во Италија и Европа делејќи ја сцената со музичари од рангот на  С. Крилов, Ј. Башмет, Д. Коен, В. Менделсон, Ф. Липс. Јулија Беринскаја е доцент на музичката школа „Клаудио Абадо“ во Милано како и на Мајсторската музичка школа во Милано.

Валентина Данелон  е родена во 1985 година и дипломира виолина со почести на Конзерваториумот за музика во Кастелфранко Венето во класата на Мишел Лот. Продолжува да студира педагогија на Универзитетот за музика во Лугано, а се усовршува со Јулија Беринскаја и Ренато Занетович.  Добитничка е на повеќе награди и признанија. Од 2020 година заедно со Стефан Миленковиќ е уметнички директор на Меѓународниот фестивaл „Звуците на местата“ во Удине, Италија.

Уникатна фигура на меѓународната сцена како солист и камерен музичар, виолистката Ана Серова добива посвети на дела од некои од најзначајните композитори на денешницата. Всушност пишувајќи конкретно за неа, тие создаваат еден нов жанр кој ги спојува формата на концертната пиеса со театарската игра.