петок, ноември 15, 2024
UncategorizedНаш ИзборНаш изборОхрид

Романска вечер на „Охридско лето“

Романската вечер на „Охридско лето“ ќе донесе концерт на ФАМЕ’С европскиот оркестарски изведувачки институт и на Ирина Муресану, соло виолина. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се композиции од Десен, Фаља, Флин, Динику, Рутер, Бах, Вали, Рустом,Фунг, Пјацола и О Конор.
ФАМЕ’С европскиот оркестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар кој што е создаден во рамките на компанијата ФАМЕ’С која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Организиран во објектот и професионалното студио на ФАМЕ’С во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа.
Овој проект е дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE), поддржан од Европската Унија.Креирајќи професионална и оригинална оркестарска и музичка содржина, преку различни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика, пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство.
Виолинистката со романско потекло Ирина Муресану е лауреат и победничка на повеќе престижни натпревари за виолинисти како Меѓународниот натпревар во Монтреал, натпреварот „Кралица Елизабета“, натпреварот на Универзитетот во Јужна Африка (УНИСА), меѓународниот натпревар во Вашингтон, натпреварот во „Шадт“ во Алентаун и др. Муресану е на сцената од рана возраст, добивајќи одлични критики што придонесува таа да се развие во исклучителен солист, настапувајќи со рецитали и како камерен музичар. Неодамна на Муресану и е доделена престижната „Фулбрајт“ стипендија од страна на Универзитетот во Мериленд како и грантот „Ж. Енеску“ од Романскиот културен институт со што се признава нејзиниот труд и се финансираат истражувања во „Градот на музиката“ во Париз посветени на проектот „Бесконечни жици“ – платформа посветена на промовирање на Романската музика за виолина создадена во последните 150 години.
Ирина Муресану е барана како солист на двете страни на Атлантикот, како и во САД, Европа, Канада, Азија и Јужна Африка, а нејзините специфични програми кои се тематски конципирани придонесуваат да биде подеднакво активна на концертните платформи, како солист и камерен музичар. Муресану е посветена и на изведбата на дела од современата музичка литература, од кои голем дел се напишани токму за неа. Нејзините изведби се запишани на носачи на звук на повеќе интернационални издавачки куќи.
Вечерашниот концерт, „Охридско лето“ ќе го одржи со поддршка од Амбасадата на Романија во Република Северна Македонија.