Наш ИзборНаш изборОхрид

DW: Македонија низ очите на странските туристи

„Штотуку се вратив од најбрилијантниот одмор на Охридското Езеро и сакав да споделам дел од моите искуства со сите вас.Охридското Езеро е најстарото езеро во Европа и место на УНЕСКО, опкружено со бујни зелени планини и исклучително убав и спокоен пејсаж Можете да пливате, да веслате и да го впиете сонцето на плажите. Има многу патувања со брод, прошетки, пешачење и велосипедски патеки (ако се чувствувате енергично), и изобилство од врвни барови и ресторани со поглед на езерото и низ многуте кривулести калдрми, а сето тоа по екстремно ниски цени“: Ова е пораката која што сопственичка на туристичка агенција од Велика Британија ја сподели со своите следачи на Фејсбук, по неодамнешната посета на Охрид.

Македонија е релативно нова дестинација за пазарот во Велика Британија, иако со години наназад главниот град и туристичките центри се често посетувани од туристи од цела Европа во текот на целата година. Посетителите од Холандија изминативе години беа најбројни, иако пролетва гостите од Турција, Грција, Србија и БиХ најчесто можат да се забележат низ охридската чаршија.
Британците ја рекламираат Македонија како „празник на езерото и планините“, каде старата, автентична (и недопрена) култура и пејзаж ќе ве шармираат од моментот кога ќе излезете од авионот.

Но, покрај гостопримливоста, пријатната клима, вкусната храна, богатото културно наследство и „пријателскиот народ“, странските туристи често заминуваат и со поинакви, не толку позитивни, впечатоци од земјата. Што е тоа што ја расипува сликата за Северна Македонија на светската туристичка карта?

Лице и опачина

Што им се допаѓа, а што не им се допаѓа на странците во Македонија? Туристичкиот водич Зоран Таневски за ДВ вели дека туристите што ја посетуваат државата од една страна се воодушевуваат на убавините на Македонија, а од друга страна се разочарани од шутот и отпадот, расфрлан насекаде и недостатокот на неопходна инфраструктура.

„Првите реакции се позитивни. Им се допаѓаат планините, вчудоневидени се од историските случувања на толку мал простор. Со воодушевување говорат за вкусното вино. Велат дека не ја замислувале Македонија како винска земја и не очекувале за толку прифатливи цени да добијат толку високо квалитетни вина. Уживаат во вкусовите на свежите зеленчуци и на по некое вкусно подготвено јадење“, ги пренесува своите искуства нашиот соговорник.

Но, како што се одвива патувањето, така место комплименти следат забелешки и критики. „Кога шетаат низ скопската Чаршија, гледаат огромни објекти кои отскокнуваат од традиционалниот дух на чаршијата. Гледаат диво поставени маси, столици, тенди па и цели објекти. Прашуваат дали надлежните институции го гледаат тоа и сами си додаваат, зошто не го спречуваат“, коментира Таневски.

На пат за Матка, раскажува лиценцираниот водич, не можат да се изначудат на хаосот во сообраќајот на приодниот пат и на паркингот, па ќе се задушат од прашината од автомобилите што возат по некогашната рампа. Следат неколкуте диво направени платформи. На крај следи восхитот од преубавиот кањон. „И потоа се слуша коментар – преубав простор, зошто се дозволува такво безредие?“, вели Таневски.

Ги слуша ли некој критиките?

Странските туристи коишто ги води од Скопје преку западната магистрала завршуваат во Охрид. Подолгиот пат по долината на Радика и Дрим е поживописен. Но, во голем дел и повеќе разочарувачки, вели нашиот соговорник. Водата на реката Радика е кристално чиста, но по дрвата и по брегот висат партали, пластични ќеси и шишиња. По Дебар, над Езерото, на секој чекор шут, фрлени душеци, фотелји, стари фрижидери и телевизор.

„Сето тоа што го гледаат, кај странските туристи предизвикува да им се мешаат чувствата. Гласно прашуваат дали има инспекции и зошто не ги гонат сторителите. Велат, природата ви дала премногу, ама вие луѓето безмилосно ја уништувате.
Како водич, што можам да им одговорам. И мене ми е срам. На дадените критики, единствено ми преостанува да подголтнам и да премолчам. Со пишување по социјалните мрежи, засега ништо не успевам да сменам“, вели Таневски.

Италијанците посетуваат цркви, Холанѓаните бараат авантура

Туристичкиот водич во Охрид, Алберта Гулицовска за ДВ го споделува своето искуство од работата со групите од Италија и Балканот, со кои што го поминува секое лето.

„Италијанците со кои најчесто работам, многу го ценат и вреднуваат културното наследство. Во Охрид доаѓаат добро информирани и подготвени се и последните пари ќе ги потрошат на влезници на историските локалитети. Нивниот интерес не опаѓа со годините, дури и највозрасните се љубопитни и сакаат да учат нови работи за Византија и фреските во Охрид и пошироко“, вели Гулицовска.

Овој дел на земјата го доживуваат како мистичен, кој се уште не е искомерцијализиран и е помалку див, што им се допаѓа. Уживаат и во храната и ароматичните вина. Сакаат да пробаат традиционална храна и локални производи.

Соседите од Балканот, пак, преферираат да уживаат во шопинг, храна и забава. Холанѓаните, вели нашата соговорничка, бараат авантура и активен одмор, алтернативен и рурален туризам.

„Азијатите и групи од останатите далечни предели, како дел од Балканските тури, не доживуваат како безбедна зона без криминал, но имаат забелешки за ниското ниво на хигиена, како и за лоша состојба на патиштата. Сепак, тоа некако го надоместува срдечноста и топлината на домаќините која ја истакнуваат за голема предност“, вели водичот од Охрид.

Запоставено културно наследство

Оние туристи што биле во земјата пред дваесетина години, според Таневски, коментираат дека не забележуваат позитивни промени. „Ние мештаните станавме слепи, ама странците ги забележуваат дивоградбите во Скопската чаршија, во стариот дел на Охрид, низ Струга, околу цело Охридско Езеро. Им паѓаат в очи паднатите или урнатите историски куќи во Битола, Кратово, Велес и во други места, а коментираат и за пропаѓањето на скопскиот аквадукт, дрвата што никнале низ 1.500 години стариот ѕид на Кале“, вели Таневски.

Дури и таму каде што нешто е правено, додава тој, за кусо време се распаѓа. „Богородица Перивлептос прокапува. Дел од арабеските во Мустафа пашина џамија веќе ги разјадува влага, се појавува влага во фрески во Свети Пантелејмон, пропаѓа и одлепената Богородица во света Софија во Охрид, а несоодветното осветлување во Врело придонесува да се развива пештерска вегетација“. Списокот може да се надополнува.

Кој е виновен?

За оваа состојба, според Таневски, потребно е координирано делување на институциите, агенции и министерства. „Македонија пат треба да ги исчистат патиштата, Министерството за култура да ги одржува спомениците, Министерството за екологија да ги заштити природните убавини, а градските комунални служби да ги уредат градовите според потребите на туристите“, предлага Таневски, поранешен новинар, кој веќе долги години е во туристичките води.

„Лаик како мене, смета дека доколку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот направи нешто практично со што ќе придонесе туристите да се чувствуваат пријатно при престојот во Македонија, ќе направат поголема реклама од сите досегашни обиди и потрошени пари за патувања во странство“, додава нашиот соговорник.

Туристичка инспекција и полиција

Првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски за ДВ вели дека главен виновник за ваквите состојби е затајувањето на голем број институции од централната и локалната власт. Од каде и да се почне во овој момент со подобрувањата нема да се згреши, вели тој, бидејќи доволно е слушање од секакви изговори за да не се дадат решенија со кои ќе се подобри состојбата.

Нашиот соговорник смета дека е време да се започне со градење на туристичкиот сектор во тела кои ќе имаат и поголеми хоризонтални и вертикални ингеренции, создавање на туристичка инспекција и туристичка полиција кои ќе го регулираат секторот, интервенирајќи интегрирано со другите инспекциски служби во спроведување на законите и казнување на сторителите.

 

 

дојче веле