Возљубени верници и почитувачи на Свештената Бигорска Обител и на славниот Претеча,
Ве известуваме дека на денот кога го славиме сечесниот празник на Рождеството на нашиот патрон и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован:
___
Во четврток, на 6 јули, во Свештената Бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои Старецот и Игумен на Бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.
Во петок наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе биде пречекан нашиот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј.
Почеток на Светата архиерејска Литургија, во 09:00 часот
___
Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!
Бигорски манастир