петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Моќта и 7-те чуда на Свети Наум Охридски

За чудата кои се случувале во манстирот Свети Наум Охридски Чудотворец постојат многу сведоштва.

Поп Стеван Ѓорѓевиќ од Охрид го раскажува овој случај, на кој бил очевидец:

-Во 1900 годинa седевме неколкумина после службата Божја под настрешницата пред црквата манастирска. Во манастирот во тоа време беше некој младич Ѓорѓи од Епир. Пред неколку недели негови роднини го довеле и оставиле во манастирот. Беше е совршено безумен и вон себе. По цел ден трчал околу црквата без одмор, бладал, зборувал без врска, не барал ни примал никаква храна, а одел је безмалку гол. Додека седевме и разговаравме Ѓорѓи неколку пати го оптрчал манастирот. На нас не обрнуваше внимание, како и да не постоиме. А и ние, веќе навикнати на неговото однесување, не обраќавме внимание на него. Ама наеднаш тој застана спрема нас и почна благо да ја врти главата кон вратите на црквата како да гледа некого. Потоа ги протри со рацете очите и лицето свое, го насочи својот поглед на нас и праша:

Каде сум ?

Ние му одговоривме: во манастирот на свети Наум. Како ти е Ѓорѓе ? Тогаш тој кажа:

– Бев во некој голем пламен. Пламенот одеше од појасот па нагоре кон главата. И целата глава ми беше во пламен. Но сега еве дојде пред мене еден старец, како свештеник, застана пред мене и дувна во пламенот. Сега пламенот го нема. А старецот влезе во црквата.
Потоа Ѓорѓе погледа на себе, па почнал да навлекува некоја крпа, која му висела низ бедрата. Му донесоа преслека. Тој се облече. После два до три дена го пуштија од манастирот, и тој сам отиде дома.
По силата, која Бог ја дарува на своите светители, и по човекољубието свети Наум наеднаш го исцелил овој човек. Слава на Бога!

Светителот не дозволува да го украдат

Еднаш дошле некои калуѓери од Грција да ги украдат моштите на свети Наум. Игуманот ги примил и угостил незнаејќи за нивната намера. Уште им дозволил, по нивната желба, да преноќат во гробницата на светителот. Таа нивна желба нималку не го зачудила игуманот, бидејќи многу болни и поклоници тоа го прават. После вечерата тие влегле во гробницата со своите торби, во кои под книгите биле лопати, ашови и други справе за рушење и откопување на гробот. Се заклучиле однатре, и кога сите заспале во манастирот, ја почнале својата работа. Но никако не им тргнало. Тие успеале, само да скршат од каменот на гробот. Одеднаш рацете целото тело им се фатиле, така што не мжеле да се помрднат, туку секој останал во онаа полжба во која се затекнал.

Утредента параклисарот сакал да влезе во црквата но не можел. Тропал, тропал, но залудно. Му јавил на игуманот. Сите се собрале, па некако ја отвориле вратата. Кога во гробницата има и што да видат. Сликата била невидена и страшна. Калуѓерите крадци стоеле, клечеле, или седеле како камени кипови. Како кој замавнал со својата справа да удри во плочата, така се фатил и останал како скаменет. Почнал да ги викаат и тресат – но тие само укочено гледале. Игуманот са браќата брзо припаднал на молитва. Молитвата траела долго, додека крадците најпосле не се отпуштиле и помрднале. Им се одврзал и јазикот, и тие со срам и покајание го исповедале пред сите она што веќе било јасно. Кажале уште, дека некој на тоа ги наговорил. Потоа отишле од манастирот. Фалејќи и благословувајќи го Бога и проносувајќи ја славата на свети Наум чудотворец по светот.

Илјада години лежат моштите на светителот во манастирот. Повеќе пати правени се и чесни и нечесни обиди, да се поместат, но секогаш без успех.

Обителта на свети Наум и кога страда никогаш не оскудува

Огромен број луѓе ја посетуваат обителта на свети Наум. Во турско време манастирот уште служел и за одмориште и преноќиште на сите патници од Македонија и од Албанија за Македонија. Но и покрај сето тоа манастирот никогаш не оскудувал. Имало случаи, манастирот да дојде во крајна беда, но тогаш је изненадно пристигала и чудотворната помош на светителот.
Така една година удрила болест на овците, па пцовисале многу овци и сите овни. Се загрижил игуманот, каде да најде овни за преостанатите овци. И баш кога бил во најголема грижа, дошол човек од село Лесковец кај Преспа и донел четири овна на дар на манастирот. Кога ги предал овните на игуманот му раскажал, што го натерало на такво дело. Му се јавил свети Наум на сон и му рекол: не е право ти да имаш толку овци, а јас да немам. Твоето е само твое, а моето е и народно. Донеси неколку овни во мојот манастир. Кога човекот се разбудил од сонот, сторил онака како му рекол светителот.

Наум Целакоски чудата на св. Наум ги класифицирал во неколку категории:

Прво чудо

Интересен е случајот со авионот кој се урнал и изјавите во медиумите и весниците на стјуардот кој изјавил дека бил спасен од св. Наум. Еден ден пред уривањето на авионот, тој купил икона од св. Наум и бил цврсто убеден дека неговиот живот го спасил св. Наум.

Второ чудо

Двајца лекари, сопружници долги години немале дете. Доаѓале неколку пати во манастирот со молитва кон светителот за родителство. По две години добиле ќерка. Биле црвсто уверени дека нивното чедо е дар од св. Наум.

Трето чудо

Од Трпејца доаѓале некои луѓе за молитва. Единаесет-дванаесет години биле без свое чедо и минатата година на денот на св. Наум го крстеле детето. Биле убедени дека нивната молитва пред св. Наум помогнала за нивното чедо.

Четврто чудо

Некој човек, Германец долги години имал протеза на вратот. Но, влегувајќи во манастирот, слушнал глас „извади го тоа помагало”. Ја извадил протезата и му се олеснило. Повеќе не ја користел протезата. Постоле сведоци за ова чудо.

Петто чудо

Во манастирот донеле момче на 17-годишна возраст од муслиманска вероисповест кој страдал од епилепсија. Му бил прочитан педесеттиот псалм и молитва. Игуменот Некатариј се интерисирал преку негови роднини за неговата болест. Му рекле дека нема епилептични напади.

Шесто чудо

Манастирот го посетиле група Бугари. Една жена од нив украла мало паунче. Кога требало да си заминат автобусот се расипал. Но, некој ја видел кога го украла паунчето, ја укорил да го го врати украденото паунче. Од црква и манастир не се крадело. Таа се засрамила и го вратила паунчето. Тогаш автобусот тргнал.

Седмо чудо

Св. Наум направил многу чудеса. И денес се уште се случуваат многу чуда. Дошле посетители од Охрид, но недолично се однесувале на свето место и на враќање сите се удавиле. Се превртел чунот во езерото.

Инаку Свети Наум Охридски Чудотворец бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Основач на манастирот на Светите Архангели, денешен Свети Наум. Роден е во првата половина на IX век.

Тој беше еден од основачите на Преславската книжевна школа и од 886 до 893 беше за учител таму. Беше еден од даровитите ученици на браќата Кирил и Методиј и како таков, кога во 893 година неговиот брат Климент беше назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица беше назначен Наум Охридски. Во Македонија, во Охридската книжевна школа, Наум Охридски успешно ја продолжи целокупната дејност на Климент Охридски, а изгради и манастир во близината на Охрид. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи.

Животниот пат на Свети Наум Охридски тече паралелно со оној на Cвети Климент. Свети Наум учествува во Моравската мисија, по чие завршување оди во Велики Преслав, а оттука во Охрид каде ќе им се приклучи на Климент во работата на Охридската книжевна школа. Св. Наум Охридски бил познат како учител, организатор на црковниот живот, просветата, културата, поттикнувал учени луѓе кон творештвото.

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година во манастирот „Свети Наум“, на брегот на Охридското Езеро, а култот за него започнал да се шири во Македонија, во јужнословенските средина, како и во Бугариjа, Албанија и Грција.

Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил. Освен по книжевната работа мегу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе, особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки се зборува дека направил многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир како онаа на која е претставен како ја впрегнал мечката да го влече плугот наместо волот што го изела. Импресионираат и другите сцени од животот и чудата на Свети Наум Охридски кои се насликани во втората зона од Наумовиот гробен параклис : “Вкочанување на монахот што се обидел да го украде телото на Свети Наум од неговиот гроб” “Лекување на нервно заболени” “Крадец на коњ кого зората го затече пред вратите на манастирската црква” и “Ведрото остава вдлабнатина во каменот”.

Манастирскиот комплекс „Свети Наум“ низ вековите важел за мистично место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ. Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни необични случки што ги доживуваат во Свети Наум. Една таква необична појава со својот мобилен телефон забележала туристка од Србија. На фотографијата се забележува силуета на светец со јасно видливи христијански детали како се отсликува во изворските води на Црн Дрим кај „Свети Наум“. Останува дилема дали се работи за феномен, некаква рефлексија или игра на сенки, но фотографијата секако делува мистично.