АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

„Ние сме деца Божји и слични сме на Господа“ прв Меѓународен сеправославен камп во организација на Вранишката Парохија

Во рамките на Вранишката Парохија дејствува здружението „Православна Младина“ с. Враништа, кое е единствено од ваков тип во нашата земја, а во кое членуваат 65 дечиња на возраст од 4-16 години , каде што постојано се одвиваат и реализираат разни црковно-едукативни и световни активности.

-Нашата намена е покрај црковните потреби, од младите личности да форираме здрава и морална младина која ќе биде идниот носител на моралните и човекови вредности во нашето општество, истакнува Отец Ристе Наумоски кој е иницијатор на создавањето на едно вакво здружение и водител низ сите активности кои се реализираат.

Со благослов на митрополитот Дебарско-Кичевски и Плаошко-струшки г.Тимотеј, со организационо раководство на Отец Ристе Наумоски од 29 јуни (четврток) до 2 јули (недела) ќе се одржи меѓународен сеправославен камп насловен како „Ние сме деца Божји и слични сме на Господа“. Кампот ќе се реализира во Автокампот АС Струга, каде што ќе бидат сместени околу 45 дечиња од Црна Гора, Пустец- Албанија и дечиња од Вранишка Парохија с.Враништа. Планирани се три ноќевања односно 4 дена. Покрај членови по веронаука планирани се креативно-ликовни работилници, предавања на тема правилно користење на паметните уреди, неоснованоста и штетноста на празноверието, спортски активности, забавен дел како и посета и запознавање на нашата околина Охрид, Струга, Враништа и Вевчани.

Како што додава Отец Наумоски, ваквите активности ќе ја зајакнат самодовербата на младите кои секојдневно се во разни предизвици со абнормални појави.