Јов беше потомок на Исав, внукот Авраамов и живееше во Арабија околу 2000 години пред Христа. Татко му е Зарет, а мајка – Восора, а неговото цело име беше Јовав. Беше човек чесен, богобојазлив и многу богат. Но, во седумдесет и деветтата година од неговиот живот Бог допушти тешки искушенија врз него преку сатаната, сè како што е подробно опишано во Книгата Јов. И во еден ден Јов го изгуби сиот свој имот, сите синови и ќерки свои. Потоа врз него падна тешка болест од којашто целото тело му се покри со рани од темето до стопалата и лежеше Јов на ѓубриштето надвор од градот и со парче ќерамида си го вадеше гнојот од раните. Но, не заропта на Господа, туку стрпливо докрај ги поднесе сите оние маки. Затоа Бог му го врати здравјето и му даде многу поголемо богатство од претходното и пак му се родија седум синови и три ќерки, колку што ги имаше порано. Поживеа уште двесте четириесет и осум години, постојано славејќи и фалејќи Го Бога. Јов се смета за пример на трпеливо поднесување на секое страдање коешто Бог ни го испраќа и за предобраз на страдалниот Господ Исус.