Пасхалното торжество продолжува со ненамалена радост и спокој, бидејќи преку Воскресението на Христа се помирија и Небото и Земјата. Со Воскресението се осветува и просветлува сета твар, воскреснуваат душите наши! Целиот простор на Бигорски, и духовниот и материјалниот, е исполнет со благодатните енергии на Воскресението и радоста надминува секаква земна грижа.
Света архиерејска и пасхална Литургија се отслужи денес во Претечевиот преукрасен храм, а по неа се продолжи со традиционалната пасхална литија со водосвет, со пеење на пасхалните песнопенија и поросување на посевите, овошките, животните. Се заврши со поклонение на сечесните мошти што се чуваат во нашата Свештена Бигорска Обител.
Незаборавни се делата Твои, Господи, што си ги извршил за нашето спасение, за кои пофалба и слава Ти вознесуваме во веки!
Христос Воскресе!