Откако ја завршивме душеполезната Четириесетница, Бигорската Свештена Обител Ве поканува заедно да го прославиме Лазаревото Воскресение, како најава за светлото и славно Христово Воскресение, и Влегувањето на Господа Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на Живото над смртта. По тој повод ќе бидат отслужени следниве богослужби:
Лазарева сабота, 8 април 2023
– 06:30 ч. (Утрена и Златоустова Литургија)
Истиот ден, вечерта со почеток во 19 часот ќе се отслужи бдение во чест на празникот Цветници.
Цветници, недела, 9 април 2023
со почеток во 08:30 ч. во сечесниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ќе биде отслужена Божествена Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во старата дебарска населба Варош, е изградена во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија. Порано била главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво и била седиште на Дебарската митрополија. Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од XIX век. Неодамна врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, беа санирани извесни оштетувања во внатрешноста и исто така, од страна на Бигорското братство беше извршено целосно очистување на црквата. Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-паметник со големо историско и духовно значење.
ЛОКАЦИЈА НА ЦРКВАТА
Благослов да присуствуваат на богослужбите имаат сите оние кои молитвено сакаат да ги прослават овие големи празници, подготвувајќи се за Страдалната седмица на нашиот возљубен Христос.
Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј
игумен на Свештената Бигорска Обител