АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Свети Алексеј, човек Божји

Различни се патиштата по коишто Бог ги води оние што сакаат да Му угодат и да го исполнат Неговиот закон. Во времето на царот Онориј, во Рим живееше високиот царски достоинственик Ефтимијан, многу угледен и многу богат. Тој и жена му Аглаида животот го минуваа богоугодно. Иако беше богат, Ефтимијан само еднаш дневно седнуваше на трпеза, и тоа по залезот на сонцето. Имаа син единец, Алексеј, кој кога порасна го принудија да се ожени. Но, ноќта по свадбата тој не само што ги остави жената и домот на својот татко туку седна на кораб и отиде во градот Едеса во Месопотамија, каде што беше прочуениот лик на Господ Исус, испратен од Самиот Господ за царот Авгар. Откако му се поклони на овој лик Алексеј се облече во руво на просјак и како таков живееше во тој град полни седумнаесет години, непрестано молејќи Го Бога во припратата на црквата на Пресвета Богородица. Кога таму се прочу како богоугодник, тој се уплаши од човечката слава и замина, седна на кораб што оди за Лаодикија, но по Божја Промисла коработ беше носен и доплови дури до Рим. Сметајќи го ова за прст Божји, Алексеј смисли да отиде во домот на својот татко и таму како непознат да го продолжи својот подвиг. Татко му не го препозна, а од милосрдие му дозволи да живее во една визба во неговиот двор. Овде Алексеј помина уште седумнаесет години, живеејќи само на леб и вода. Слугите го малтретираа на разни начини, а тој претрпе сè. А кога му се приближи крајот, напиша една хартија, ја стегна во рацете, легна и издивна, на 17 март 411 година. Тогаш во црквата на Светите апостоли имаше во присуство на царот и патријархот откровение во вид на глас кој рече: „Побарајте го човекот Божји“. Малку по ова се откри дека тој човек Божји е во куќата на Ефтимијан и по долго распрашување дознаа дека Божјиот човек е оној просјак. Кога влегоа го најдоа мртов во неговата визба, а неговото лице блескаше како сонце. Од онаа хартија неговите родители дознаа дека е тоа нивниот син Алексеј, а невестата којашто триесет и четири години живееше без него го виде нејзиниот маж, па сите ги обзеде неизмерна тага. По ова сепак се утешија гледајќи дека Бог го прослави Својот угодник. Од допирот на неговото тело се лекуваа многубројни болни, а од телото му потече благоухано миро. Го погребаа во ковчег од мермер и смарагд. Неговата глава се наоѓа во Светата Лавра на Пелопонез.

denovi.mk