АктуелноОхрид

Утре ќе се решава судбината на „Цар Борис Трети“ во Охрид

Комисијата за употреба на историските имиња утре треба да има состанок и да достави извештај, по што ќе донесе соодветно решение.

Ова го соопшти на денешниот брифинг со медиумите министерот за правда, Кренар Лога, во врска со тоа до каде е постапката со бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид.

Министерот појасни дека, првиот пат барањето било од самиот клуб, додека сега е од Централниот регистар и дека веќе е пуштено барање од Комисијата до Централниот регистар.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување.

Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Според измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл.

Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Минатата недела, по претходно мислење на надлежната Комисија, беше избришан од Регистарот бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

 

fokus.mk