Охрид

Промоција на збирката раскази „Точно, точно и вистина“ од Методија Анѓелкоски

Во сабота на 18 март од 11.00 часот во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „Точно, точно и вистина“ од роднокрајниот автор Методија Анѓелкоски.

Ова е прв, официјален  литературен обид на Анѓелкоски и во предговорот на книгата вели: – Зошто избрав наслов „Точно, точно и вистина“? Нели точно и вистина се синоними? Мојот став е дека се семантички слични, но не потполно еднакви. Вистината може да биде, и речиси без исклучок е – комплексна. Вистината може да содржи точни и недоволно точни искази кои нешто сугерираат. Во потрага по вистината, секогаш мора да имаме предвид една мудрост што преживеала низ вековите: „Делумната вистина многу често е голема лага.“ Затоа постојат точни искази и целосна вистина, вели Анѓелкоски и додава:  – Раскажав неколку раскази со кои се обидов да ја доловам оваа моја теза. Има и по некоја мисла што ме мачи, колку за да ги споделам оние работи кои ме држат буден ноќе – дури и кога сакам да заспијам.

Промотор на книгата ќе биде Симун Лешоски. Во име на издавачот Здружението „Креативна верига“ ќе зборува Јордан Коцевски а обраќање ќе има и Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.