Девојчињата на фотографијата, која на прес конференција ја покажа германската актерката Барбара Сукова, една од најголемите филмски ѕвезди на меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ што се одржува во Белград, одамна се починати. Нејзиниот апел до новинарите да и помогнат да ги најде сестрите Зорица и Билјана, пристигна и до наследниците на двете девојчиња, кои изразија желба да ја запознаат актерката.
Зорица, хемиски инженер, починала во 1990 година на 39 години. Нејзината сестра Билјана која била лекарка, починала во 2004 година на 47 години.
Бојана Кироска, ќерка на починатата Зорица, посочува дека истата фотографија се наоѓа и во семејните албуми.
– По земјотресот во Скопје, мајка ми, која тогаш имала 12 години и тетка ми Билјана, на возраст од шест години, биле евакуирани во Гостивар, а потоа во Охрид. Таму се запознале со актерката Барбара Сукова. Веднаш штом ја прочитав информацијата и ја видов фотографијата се слушнав со сестра ми, а потоа и со братучетка ми и двајцата братучеди, деца на тетка ми Билјана. Бевме фрапирани, но во еден миг и тажни што нашите мајки одамна починаа. Нивната сплотеност и љубов ја пренесоа и на нас. Иако сме први братучеди, фукционираме како браќа и сестри. Многу би сакале да ја запознаеме актерката. Ја каниме да дојде во Македонија да биде наша гостинка. Прифаќаме да се сретнеме со неа и во Србија, додека е на фестивалот. – вели Кироска.
Во 1963 година актерката Барбара Сукова како тинејџерка со нејзините родители престојувала во Југославија и го посетила Охрид. Тогаш во училиштата се собирала хуманитарна помош за настраданите во земјотресот во Скопје. Зорица и Билјана потоа во знак на благодарност ѝ испратиле послужавник со две шолји за кафе.
„Ги чував и носев секаде со себе. Тие две сега се како мене, во средните седумдесети години. Би сакала повторно да ги видам. Бидејќи не користам социјални мрежи, можеби можете да ми помогнете да ги пронајдам.“ – изјави Сукова на прес конференцијата.
Сукова на меѓународниот филмски фестивал ФЕСТ ќе го претстави филмот „Далиленд“ во кој ја глуми Гала, сопруга на Салвадор Дали.
zenskipagazin.com