АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Заглавени две лица со возило на патниот правец Охрид-Отешево, во моментов се одвива операција за нивна евакуација

Покрај сите апели за совесно и одговорно користење на патниот правец Охрид-Отешево, во моментов се одвива „драматична и трагикомична“ операција за евакуација на две лица кои со лесно возило се заглавиле во снежните наноси на самиот превој, каде всушност на сила е забрана за секаков сообраќај, соодветно назначена со сообраќајна сигнализација, неколку километри пониско.
Операцијата, во координација со нашиот оперативен центар, на терен ја спроведуваат ренџерската слпужба од National Park Galicica и ТППЕ Охрид – Пожарна, кои согласно договореното од последниот состанок со останатите служби, пристапија кон евакуација на луѓето, без обврска и непотребни обиди за извлекување на возилото.


Операцијата ја нарекуваме „драматична и трагикомична“, од причини што спасителните тимови на терен се соочија со апсурдна ситуација, по пристигнување на лице место, како и во телефонската комуникација со барателите на помош, да бидат вербално навредувани од лицата и истите да не прифаќаат да си одат без нивното возилото. Во наведената ситуација, беше искористена и телефонска асистенција од граничната полиција, разговор по кој конечно лицата се согласија да го остават возилото и да бидат пешки спроведени до возилата на НП и ТППЕ и понатаму со истите до Охрид.
За жал, оваа апсурдна ситуација, уште еднаш ја истакнува несовесноста на одредени граѓани, но уште повеќе на надлежните институции, во случајов Јавното Претпријатие за Државни Патишта и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат), кои немаат можност за соодветно одржување на споменатиот патен правец, но и не дозволуваат истиот да биде физички затворен за сообраќај, со поставување на времена рампа, најмалку на позициите, од кои со програмата за годишно одржување, од 15 ноември до 15 март има воведено целосна забрана за сообраќајот.
Ја користиме оваа прилика, уште еднаш, јавно да ги повикаме ЈПДП и ЈПОЗМРП, да дозволат поставување на физички бариери (рампи), инвестиција која комплетно финансиски би ја спровеле ние во соработка со НП Галичица, а во интерес на безбедноста на граѓаните и намалување на непотребните трошоци и ризиците од бројните интервенции.

 

Црвен крст Охрид, Единица за спаување на планина