АктуелноОхрид

Охрид полн за Нова година, напладне почнува новогодишната програма

Новогодишните празници го наполнија најголемиот туристички центар во земјава. Блеснат со сета своја убавина, Охрид подготвено ги дочека гостите од земјава и странство. Покрај домашните посетители најчести се туристите од соседството, кои одлучиле најлудата ноќ да ја поминат на охриско-струшката ривиеара.

Зголемена раздвиженоста се бележи во чаршијата, на градскиот кеј, но најмногу низ улиците.

Покрај дочекот во кафулињата, рестораните и хотелите, организиран пречек на Новата Година ќе има и на градскиот плоштад со настапи на Петар Нечески, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Диџеите Багзи и Јана Slayy.

Новогодишната програма ќе почне денеска напладне со настап на хорот при КУД „Гердан“, а од 13 до 15 часот ќе има новогодишна театарска претстава „Дружината на Дедо Мраз“ и мјузиклот „Трите прасиња“. Новогодишната програма ќе продолжи утре точно напладне со настап на Марија Савеска и групата „Камелеон“, како и изведба на проектот „И повторно Евергрин“, со Лидија Кочоска, Влатко Груевски и Андреа Наунов.

Градоначалникот Кирил Пецаков вети весел и незаборавен дочек за 2023 година на градскиот плоштад во Охрид и ги покани сите да бидат дел од новогодишната забава во градот.

Во соседна Струга, пак, организиран дочек на најлудата ноќ нема да има, но градот блеска со светилки и новогодишни реквизити низ центарот, чаршијата, новото шеталиште и кејот на реката Црн Дрим. И таму раздвиженоста е голема, пред се поради враќањето на печалбарите, кои новогодишните празници ќе ги поминат во родното огниште.

фото: Архива