АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

На 23 декември починал Св.Наум Охридски, бил погребан лично од Св. Климент во манастирската црква во Охрид

Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23-ти декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од Св. Климент во манастирската црква.

Бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Велики Преслав, а оттука во Охрид, каде му се приклучил на Св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на Св. архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство.

Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На Св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.

 

ohridpress.com