Охрид

Духовно ликување во Струмица за славата на Светите Петнаесет

Патот на Христијанинот е пат на  душевното и телесно здравје, на животот, на вечноста. Тоа е пат на умртвување на смртта, на преобразување од распадливост во слава, на раѓање на вистинскиот живот среде ништожноста на овој суетен свет. Споменот, пак, на Светиите Божји предизвикува голема радост и утеха кај Христијаните, оти во нив гледаат пример за еден таков изоден пат, патоказ кон вечноста и кон блажената средба со Бога. Секој Христијанин живее и се подготвува за таа средба со Живиот Бог. Мачениците Христови, како оние кои ги славиме денес – Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, се израз на огнената љубов и устрем кон Бога, а пак, монашкиот живот е едно постојано бескрвно мачеништво на совеста, со желба за полет кон врховната Убавина.

Денеска, на љубезна и братска покана на светиот Старец Струмички, Митрополитот г. Наум, нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј сослужуваше со него и со Епископот Стобиски г. Јаков, во свештениот Храм на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица. Притоа, по читањето на евангелското зачало на Светата Литургија, Епископ г. Партениј, како добар познавач од опит на мачниот и трнлив пат, прво на Христијанинот, па на монахот, а и на архиерејот, направи прекрасна паралела помеѓу маченичкиот, монашкиот и христијанскиот пат, во своето вдахновено слово.

 

Бигорски Манастир