АктуелноОхрид

Министерството за финансии го прифати амандманот за проект за алтернативни извори за водоснабдување на Охрид

Министерството за финансии на претпоследниот ден од амандманската расправа по Предлог-буџетот го прифати амандманот  со кој се бараше да се реализира проект за алтернативни извори за водоснабдување на Општина Охрид, објави МИА.

Расправата продолжува во понеделник, а последниот, шести ден од амандманската расправа, вчера помина во разгледување на амандмани од кои повеќето се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и на водоснабдителни системи.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма. Со еден се бараше пренамена на финансиски средства во Министерството за транспорт и врски кои ќе бидат наменети за изготвување на техничка документација за изградба на технички пат до депонијата во општина Новаци, а со друг да се одвојат средства за проширување на улицата од плоштадот во Штип до мостот кај хотелот „Оаза“ со што ќе се олесни сообраќајот во ударните термини и ќе се зголеми безбедноста на пешаците.

Во понеделник е последниот ден од амандманската расправа по што Предлог-буџетот треба да оди на пленарна седница. За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

извор: МИА