недела, ноември 24, 2024
Охрид

Храмот на Свети Ахилиј Лариски во с. Требиште се здоби со времен покрив

Со благослов на бигорскиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, деновиве околу Храмот на Светиот отец наш Ахилиј Лариски во с. Требиште, метох на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“, започнаа конзерваторските активности за запазување на овој бесценет споменик на духовноста и културата на нашите предци.

Најнапред беше пристапено кон изработка на дренажен канал и санирање на оштетениот покрив. Во првата фаза од конзервацијата беше издигната времена покривна конструкција, со цел да се спречи понатамошното оштетување на споменикот од врнежите и влагата, сѐ до конечното реставрирање според традиционалниот изглед и методи.

По повеќегодишно настојување и заложби на нашиот Старец г. Партениј, проектот за тековните дејствија беше поддржан од Министерството за култура и е влезен во годишната национална програма. Сепак, во однос на конкретната помош, станува збор за минимални средства, додека најголемиот дел паѓа на грбот на Бигорскиот Манастир, кој се обидува преку донации да ги обезбеди основните средства. Инаку, Храмот е споменик на културата заштитен со закон уште од поодамна. Во последните години е направена ревалоризација на објектот и добиени се заштитно-конзерваторски услови поради значителната оштетеност, особено на покривот. Проектот за санација на културно-историскиот спомен, т.е. црквата е влезен во Управата за заштита на културното наследство, а во консултација со Националниот конзерваторски центар. Изработен е од страна на архитектот г-ѓа Ѓурѓица Лековска.

Бигорскиот метох „Свети Ахилиј Лариски“ во село Требиште почнува да се оформува околу 1820 година, кога игуменот на Бигорски, Архимандрит Арсениј, купува неколку ниви и други имоти во селото. Подоцна, во 1835 година, на земјата од метохот во Требиште се градат помали објекти за екомонски потреби на манастирот, а во 1840 година, е изградена и црквата посветена на Свети Ахилиј, Епископ на градот Лариса и еден од 318 црковни отци – учесници на Првиот вселенски собор во Никеја, 325 година. Култот на овој угледен црковен архиереј од првите векови на христијанството добива ново жариште во Преспа, откако во 986 година, царот Самуил ги пренесува неговите чесни мошти од Лариса на островот Ахил.

За градењето на црквата заслужни се јерејот Василиј и селаните од Требиште. Името на игуменот Арсениј не е наведено во ктиторскиот натпис, кој говори за градењето на црквата, бидејќи тој во 1839 година се упокојува, но нема сомнение дека иницијативата била негова.

Особено убав е живописот во Храмот, кој е дело на легендарниот Дичо Зограф. Тој е завршен во месец јуни 1850 година, како што е забележано во ктиторскиот натпис на западниот ѕид од наосот, во времето на патријаршискиот Дебарски епископ Мелетиј и на Игуменот на Бигорскиот Манастирот Бигорски, Јоаникиј. Како ктитори на фреските се запишани Јован Велјаноски, кој го платил сликањето на куполата до Евангелистите, а јеромонахот Теодосиј и свештенослужителот Аврам го платиле сликањето на фреските во поткуполните делови и најниската зона на наосот.

Храмот на Свети Ахилиј Лариски во с. Требиште е единствениот храм на територијата на денешна Р.  Македонија посветен на овој светител.

 

Бигорски Манастир