Измените на Законот за данок на имот со кои има тројно оданочување на стан во кој не се живее, или не се издава, во сила се уште од 1 јануари 2022 година. Но, со оглед на кризата, тој главно е ставен во мирување. Според информациите што ги добивме, новата регулатива не се применува во Град Скопје, но оние што имаат стан во Охрид, а во кој не живеат во него, деновиве добиваат решенија со тројно повисок данок од оние што имаат лична карта со живеалиште на стан во ова туристичко место. Со оглед на тоа дека данокот на имот е општински данок, Советот на Град Скопје, односно на општините, самостојно носат одлуки за даночната стапка во рамките на законот, или пак со одлука, поради кризна состојба ја одложуваат примената на регулативата.
Стапките на данокот на недвижен имот во согласност со Законот за даноци на имот се пропорционални и изнесуваат од 0,1 до 0,2 проценти. Обврзникот на данокот на имот за едностанбен или повеќестанбен објект за домување и двор (земјиште) во кој живее има право на намалување на пресметаниот данок во висина од 50 проценти. Општините носат одлука дали ќе ја применуваат помалата, или повисоката стапка. Основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот, а тоа е вредноста на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска. Така, ако проценетата вредност за еден стан е 50.000 евра и ако во него се живее, со даночно ослободување од 50 проценти и со примена на стапка од 0,1 проценти, данокот на имот е 1.500 денари. Но, ако се примени стапката од 0,2 проценти со даночното ослободување, износот е 3.000 денари.
Засега, сè уште не се знае дали Законот за данокот на имот, со измените кои важат од годинава, ќе се применува од 2023 година. Според новата регулатива, зголемени даночни стапки за 3 пати треба да се применуваат ако сопственикот на станот нема лична карта со адреса за живеење на тој стан, но ако го издава подолго од 6 месеци во тековната година ќе се применува даночна стапка иста како и да живее во него, со оглед на тоа што и приходот од закупнина се оданочува.
Според Законот за данокот на имот, зголемени стапки за 3 пати може да се применуваат и за земјоделско земјиште што не се користи. Предвидено е и самиот корисник на недвижен имот да пријави дека не го користи.
„Физичките и правни лица што нема да пријават дека не користат недвижен имот што е во нивна сопственост, ќе платат данок по стапка пет пати повисока од пропишаните стапки“, пишува во Законот, но засега граѓаните може да бидат мирни затоа што оваа одредба не се применува.
При носењето на новата регулатива од Владаат соопштија:
„Овој закон се носи со цел да се обезбеди прогресивно, праведно оданочување. Предлог-законот позитивно ќе влијание врз буџетот на единиците на локалната самоуправа“, соопштија од Владата објаснувајќи го законското решение што тогаш беше во предлог-верзија.
slobodenpecat.mk