Пештерата позната под името Змија Дупка се наоѓа во котлината Дебрца, во атарот на с. Лешани или поточно на околу 2.5 km источно од Лешани пред месноста викана Бозоец. Пештерата се наоѓа на околу 930 м.н.в со координати 41°16’31’’ северна географска широчина и 20°53’30” источна географска должина.
Оваа пештера е позната само меѓу локалните жители на с. Лешани и не е позната во јавноста, а крие голем број убавини како од геолошко-геоморфолошки, така и од туристички аспект. До нејзе се стигнува со автомобил или теренско возило по земјен пат и од самиот пат до пештерата има 2 минути пешачење. Голема е околу 15 m2 а во внатрешноста има два столбови, сталагмити и сталактити. Се влегува со ползење околу 1 метар и внатре се стои исправено. Исто така некои луѓе пештерата во минатото ја користеле како скривалиште во војната. Пештерата се наоѓа во варовник и почвата околу нејзе е варовничко доломитска црница (според MASIS). Се претпоставува дека оваа пештера датира уште од плеистоцен.
Според некои верувања меѓу народот оваа пештера е доста мистериозна и крие доста приказни. Така, постои легенда за кои некои луѓе веруваат дека е вистина. Според едни луѓе постои верување дека во пештерата пуштиле прасе, кое го затвориле внатре и истото прасе се појавило на другиот крај од планината во атарот на селото Велмеј. А според други верувања, некој човек истурил боја внатре и бојата се појавила кај изворот на локалниот пат што води од Лешани кон Велмеј. На тоа место денеска има изградено црква Св. Петка и има лековита вода. Иако оваа пештера е тешко пристапна и до сега не е истражувана, сепак вреди да се посети и истражува.
igeografija.mk